(ВИДЕО) Петрушевски: Како Ковачевски и Спасовски дозволиле во Македонија да се креира шпиунски софтвер?

 

„Како Ковачевски и Спасовски дозволиле во Македонија да се креира шпионски софтвер, каква е поврзаноста на СДС и ДУИ со Сајтрокс, зошто ЈО молчи? Ковачевски и Спасовски треба да одговорат како е возможно во Македонија со години да се развива шпионски софтвер, за кој НАТО и САД се против, а власта ништо да не преземе?“ Овие прашања ги постави пратеникот Бране Петрушевски од редовите на ВМРО-ДПМНЕ на денешната прес-конференција.

„Ова е доказ дека власта е лицемерна, и само за бледа реторика ги користи НАТО и ЕУ и САД, а кога треба да се прави профит не им е гајле за никој од нашите стратешки партнери.

Дополнително опасно е тоа што софтверот на фирма која заврши на црна листа на САД, а како што потврдија истражувачки новинари бил развиван во Македонија, и тоа со години. Дали Ковачевски и Спасовски свесно дозволиле да се развива таквиот шпионски софтвер, особено ако знаеме дека фирмата уште во 2021 година била ставена на црна листа на Фејсбук. Спасовски и Ковачевски не можат да кажат дека и за тоа не знаеле. Туку треба да одговорат зошто не преземале ништо и дали можеби и тие ги користеле услугите на тој софтвер и ако да, за кои цели?

Дали и во Македонија, како и во Грција со помош на тој софтвер се следени политичари, новинари и јавни личности, и дали тоа е причината зошто Спасовски и Ковачевски не реагирале уште кога Фејсбук ја ставил фирмата на црна листа, а не да чекаат и САД да го сторат истото? Како може Спасовски и Ковачевски да немаат ефективна контрола и знаење што се случува во Македонија, а тоа да го знаат во САД? Очигледно е дека знаат, но не реагираат“, изјави Петрушевски.

Тој ги обвини Ковачевски и Спасовски за загрозување за нашата безбедност

„Спасовски и Ковачевски ја загрозуваат нашата безбедност, го загрозуваат НАТО и сите сојузници. Со вакви неспособни политичари, Македонија оди само надолу. ЈО да не биде само посматрач и да реагира, зошто со свесно нереагирање станува соучесник“, додаде Петрушевски.

21.07.2023 - 13:31

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега