(Видео) Стојаноска: Поплавата во КАРИЛ не се чисти само со џогер-дали се направени микробиолошки брисеви поради опасност од инфекции?
Пред неколку дена здравствениот систем беше хендикепиран, поради поплавувањето на Клиниката за анестезија, реанимација и интезивно лекување, позната како КАРИЛ. Поради поплавувањето на клиниката, пациентите не беа примани на истата и беа препраќани во други градови и болници. Со ова, беше ставен надвор од функција можеби клучниот објект во терцијарното здравство. Дали и каква солуција е тоа за пациентите, граѓаните може самите да донесат заклучок, истакна на денешната прес-конференција, Дафина Стојаноска, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Но, денес ќе поставиме клучно прашање и клучно предупредување до директорката на КАРИЛ, министерството за здравство и другите надлежни институции: Што се превзело оваа клиника соодветно да се подготви и да профункционира? Внимавајте, ова не е обична гаража или подрум, од кој што треба да се испумпа само водата и да се зачисти со џогер. Доколку клиниката била поплавена од излевање на атмосферска канализација или други води до степен да препраќа пациети, тогаш овде се работи за многу сериозен и темелен процес на враќање во фунција. Не смее брзоплетоста на надлежните да чини животи. Оваа клиника е мошне сериозен и чувствителен дел од здравствениот систем и терцијарното здравство и не смее да се дозволи на било каков начин да се случуваат интерхоспитални инфекции“, рече Стојаноска.
Праша: „Што е преземено за санирање на поплавите во КАРИЛ? Дали се направени микробиолошки брисеви од страна на Центарот за јавно здравје? Да потсетиме дека оваа институција е надлежна да го споведе ова земање на брисеви и само со три последователни негативни брисеви може да дозволи клиниката да продолжи да работи.
Дали Министерството за здравство и Санитарниот и здравствен инспекторат се вклучени и запознаени со активностите за враќање на клиниката во функција? На крајот, дали е спроведено испитување на електричната инсталација во клиниката, ако се има предвид дека од нејзината исправност зависат апарати и инструменти кои имаат животовитално значење за пациентите“.
Според неа, клиниката, како што рече, не е дворче или гаража, за после таква поплава да се расчистува фушерски. Оваа клиника, додаде Стојаноска, третира едни од најтешките случаи во Македонија и мора во најкратко време и според сите строги стандарди да се врати во функција.
„Животите на граѓаните се важни. Досегашните фушераи и неодговорности на власта во здравството граѓаните многу скапо ги чинеа. Да не дозволиме нешто слично да се повтори“, потенцира таа.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа