Високата смртност од Ковид за Заев се должи на хроничните болести – за Мицкоски на погрешен начин на функционирање на здравството

Премиерот Зоран Заев и лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски на вечерашниот ТВ-дуел на телевизијата Канал 5 излегоа со спротивставени ставови околу високата смртност од ковид-19 во земјава.

 

За Заев високата смртност се должи на хроничните болести.

-Една од причините поради кои ни починуваат толку луѓе од ковид-19 е тоа што 90 отсто од тие луѓе имале по две хронични болести. Тоа го гледаме во извештаите на Министерството за здравство. Друга причина, веројатно, е традицијата ненавремено да се оди на лекар, да се чека до последен момент да се оди во болниците и слично. Самото тоа е потврда на случаите дека 95 отсто од случаите и повеќе, се луѓе над 65-годишна возраст, каде што огромен процент од нив имале најмалку срцев или кардиоваскуларен проблем. Сето тоа го покажуваат извештаите од стручните луѓе. Не кажувам ништо непознато, тоа јавноста го знае. Знаете дека дури и кога загубивме помлади животи, еднакво вредни како и постарите, тоа беа меѓу другото задоцнето одење на лекар, дома обид за лечење, температурата се држела на високо ниво повеќе од три до пет дена и слично. И секако, секојпат случаеви во кои наши граѓани имале и други болести, односно пред сѐ хронични болести, рече Заев.

Мицкоски, пак, рече дека здравствените навики на граѓаните не се виновни за високата смртност, затоа што таквите навики се слични и во други земји на Балканот, кои имаат неспоредливо помалку жртви од болеста.

-Шокиран сум, повторно. Кога човек не може да ја види вината и погрешниот начин на функционирање кај себе, кога ќе се обиде на вака брутално и банален начин да ја префрли вината кон граѓаните, а е премиер, јас сум лично шокиран. Се чудам како може вака со леснотија да се кажуваат работите кои што се тотално надвор од памет. Замислете во регионот, каде што луѓето имаат сличен менталитет, вие да водите со два до три пати поголема смртност. Што е поразличен менталитетот на луѓето од Македонија, со луѓето од Албанија, Косово, Бугарија, од тој во Србија, Босна и Хрватска? Ние имаме три пати повеќе починати на 100.000 жители, реплицираше Мицкоски.

 

20.09.2021 - 19:34

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа