Вкупно 219 лица заразени до коронавирус - Филипче уверува дека здравствениот систем е во целосно добра кондиција

 Според последните информации, во земјава досега од Ковид-19 се заболени 219 лица. Спроведени се 1.800 тестирања. Министерот за здравство Венко Филипче нагласи дека здравствениот систем е во целосна добра кондиција и е подготвен и за зголемен број случаи на корона вирусот, истакнувајќи дека е добро што има линеарно зголемување на бројот на заболени од корона вирус. Тој, најави дека на почетокот на идната недела ќе биде поставена мобилна болница до Универзитетската клиника за инфективни болести, во која ќе се сместат 130 кревети.

– Нашиот здравствен систем, на овој начин целосно мобилизиран со резревата на доктори со листата спремна во ситуација на намален редовен програм, пред се тука мислам на анестезиолозите, сестрите кои имаат искуство во одделенијата за Интензивна нега, е во целосно добра кондиција и спремен да ги преземе предизвиците дури и во сценарио на форма на експоненцијален раст на бројот на случаи, изјави вчера Филипче.

Тој  појасни дека работата на клиниките и болниците е реорганизирана и оти функционира системот на ротација. Лекарски експертски тим, според министерот за здравство, секојдневно консултира стручна литература и публикации и гледа кои се опциите, начините што може да се аплицираат кај нашите пациентите со коронавирусот, но има и секојдневни контакти со наши лекари Македонци во Италија.

Министерот нагласи дека во овој момент е добро што има линеарно зголемување на бројот на случаите, приближно ист број секој ден, а не експоненцијално, но, како што рече, ние сме подготвени да прифатиме и да третираме пациенти дури и да има раст.

– Целосно се мобилизирани здравствените работници, подготвени се капацитетите. Имаме и излекувани пациенти и сме целосно во ситуација да се амортизира приемот на пациенти. Терапијата е веќе аплицирана кај пациенти кај кои е индицирана согласно анализите од нивното ЕКГ. Сосема добро стручно се справуваат колегите во сите јавно здравствени институции, оцени Филипче.

Министерот увери дека не треба да се има ниту најмал сомнеж дека не се споделуваат точни бројки.

– Бројките се апсолутно точни, не може да биде поинаку, ги споделуваме со официјалните претставници на СЗО, и тука простор за манипулација нема, нагласи Филипче.

Тој најави дека на почетокот на следната недела се очекува поставувањето на мобилната болница до Клиниката за инфективни болести.

– Таму ќе бидат поставени објекти во кои ќе се сместат близу 130 кревети со што капацитетот на Клиниката за инфективни болести се дуплира со соодветни тоалети, суви ходници со кои ќе се комуницира до неа, рече Филипче.

Мобилната болница ќе биде поставена на просторот, каде што беа бараките на поранешниот студентски дом „Медицинар“, кои Град Скопје ги урна и го уреди просторот.

– Мобилната болница треба да го надополни капацитетот, тоа е болница која ја користи Армијата. Имавме интензивна комуникација со министерката за одбрана и целосно излегоа во пресрет од Армијата, а понатаму градот Скопје што го обезбеди просторот каде таа ќе биде сместена. Сметаме дека треба биде блиску и да се надополни капацитетот на Инфективната клиника, зашто тука е и експертизата и тука е и можноста да ротираат тимовите. Значи ќе има врски со Клиниката, ќе има и соодветни услови, тоалети, тушеви, и кревети. Капацитетот ќе биде 130 кревети. Сегашниот капацитет на клиниката е 110 легла. Сметам дека ќе биде сосем доволен и може да се направи и добар распоред согласно клиничката слика на пациентите, рече Филипче.

Тој додаде дека секогаш се на располагање и другите лекари и медицински сестри од другите клиники и болници, тоа е план што го направиле пред неколку недели и тие можат да помогнат во третманот на пациентите.

Според местото на живеење, досега случаи на Ковид-19 се регистрирани во Скопје (134), Дебар (43) , Куманово (17), Штип (осум), Прилеп (шест), Охрид (три), Велес (три), Кавадарци (два), Тетово (два) и Гостивар (еден).

– На пошироката територија на Скопје заболени со корона вирус има пријавено во десет општини и тоа во Карпош – 27, во Гази Баба, Кисела Вода и Центар по 20,  Ѓорче Петров -11, Аеродром – 8, Сопиште – 7, Бутел – 4, Чаир – 3 и Илинден – 2, информираат од Институтот за јавно здравје.

Министерот за здравство нагласи дека на Клиниката се инфективни болести се хоспитализирани 41 пациенти од кои седум се во потешка здравствена состојба, но тие се респираторно независни, не им е потребна помош од механичка вентилација, 27 се средно тешки пациенти и седум се со поблаги симптоми, а стабилна е состојбата и на пациентите во Штип.

Од Заводот за рехабилитација во Козле, појасни, се уште траат испитувањата, анкетите, земени се материјали на уште 18 вработени, веднаш после пристигнувањето на сите резултати ќе се направи план за функционирање на оваа установа, а постои голема веројатност од понеделник да работи само амбулантскиот дел со соодветен распоред на здравствените работници.

Имено, Филипче наведе дека досега се извршени 1.800 тестирања, посочувајќи дека нема потреба граѓаните самостојно да се тестираат. 

 

 

 

Добивајте вести на Viber

28.03.2020 - 10:06

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега