ВМРО бара оставка од Заев, СДСМ бара оставка од Мицкоски

Двете најголеми партии во нашата земја, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, на дневна основа постојано меѓусебно се обвинуваат за актуелната политичка нестабилност во државата, барајќи оставка од лидерската позиција на својата конкуренција.

Преку писмено соопштение од двете партии, и денеска повторно ги потврдија своите ставови. 

Од владејачката СДСМ, преку соопштение до медиумите, истакнаа дека бараат претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски да си однесе оставка, како што велат после неговиот пропаднат обид да ја врати државата назад. 

„Докажаниот губитник Мицкоски седна на иста маса со политичари кои се против НАТО и ЕУ, кои се против Охридскиот рамковен договор, против концептот Едно општество за сите  само заради пуста и неостварена желба за власт. Целата јавност виде дека ВМРО-ДПМНЕ е исто што и Левица, дека Мицкоски и Димитар Апасиев се едно исто. Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ бесрамно лажеа дека наводно бил киднапиран пратеник и бараат брзи парламентарни избори. Наместо да поднесе оставка затоа што одново се поразени неговите обиди да ја врати државата назад, Мицкоски бара брзи предвремени избори“, се вели во партиското соопштение на владејачката СДСМ.
 
Од најголемата опозициска партија пак, ВМРО-ДПМНЕ, бараат оставка од премиерот и лидерот на СДСМ, Зоран Заев. Исто така, утринава испратија реакција со писмен став до медиумите, во која истакнуваат дека народот му дал црвен картон на Заев. 

„Заев, премиерот во заминување да си оди и од СДСМ по најголемиот пораз во историјата на локалните избори. Заев е делегитимиран од народот. Со пораз од над 100.000 гласови, народот покажа на 31-ви октомври дека Заев не треба да биде ниту еден ден повеќе на власт. Зоран Заев изгуби во над 40 општини. Народот му даде црвен картон на Заев, премиерот во заминување, кој треба да си замине и од СДСМ“, се изјаснија од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Но, додека на дневна основа траат политичките препукувања, останува отворено прашањето за парламентарното мнозинство во државата. 

15.11.2021 - 09:09

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега