ВМРО-ДПМНЕ: Давеникот Ковачевски е алергичен на избори

 

„Просто е жалосно да се гледа интервју на политички давеник каков што е Димитар Ковачевски. Се обидува да се фати за секоја сламка спас, спинува како дете од трето одделение и користи лаги и манипулации да ги покрие своите неуспеси“. Вака од ВМРО-ДПМНЕ го коментираат интервјуто на премиерот Димитар Ковачевски во Вести плус на КАНАЛ 5 ТВ.
 
Велат дека тоа било агонија и за него, но и за граѓаните кои го следат.
 
„Нека си помогне сам на себе и на Македонија и нека излезе на соочување со народот, за да си ги скрати маките.
 
Да учествувал некогаш Ковачевски во избори ќе знаеше дека тоа е најголемиот демократски дострел во кој граѓанинот како суверен одлучува за својата држава. Да се разбиреше малку повеќе од економија ќе видеше дека стандардот на граѓаните е драматично паднат, а цените на основните производи се отидени во плафон. Да разбираше дипломатија ќе знаеше дека Европската Унија не се реформира заради процесот на проширување на земјите од Западен Балкан кои заедно имаат десет милиони жители, туку заради нивните внатрешни потреби. Да се разбираше од владеење на правото ќе знаеше дека денес македонските институции се киднапирани од партиите на власт, довербата во правосудството се мери во промили, а Европската Унија праќа посебни мисии заради тоталниот распад на системот кој се случува. Но Ковачевски за жал ништо од ова не разбира. Тој не разбира дека неговата влада е “болниот на улица Илинденска бр 2„ која вештачки се одржува во живот заради грст тендери или некоја коруптивна набавка повеќе. Тоа што Ковачевски е алергичен на зборот ИЗБОРИ е поради епскиот страв од соочување со граѓаните, но тоа е негов проблем“, се вели во партиската реакција на опозициската ВМРО-ДПМНЕ. 
 
Изборите не ги бара ВМРО-ДПМНЕ, туку ги бараат граѓаните и тие мора да се случат, порачаа оттаму.
31.08.2023 - 19:50

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега