ВМРО-ДПМНЕ го откри својот кандидат за градоначалник на Охрид

Актуелниот пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, стоматологот Кирил Пецаков, ќе биде кандидатот на најголемата опозициска партија за градоначалник на Охрид на престојните Локални избори предвидени да се одржат во октомври.

Името на кандидатот за градоначалник на Охрид синоќа го соопшти Антонио Милошоски, член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, кој изјави дека се работи за личност позната на охриѓани, и како лекар и како спортист.

-Наш фаворит за Општина Охрид ќе биде актуелниот пратеник Кирил Пецаков, којшто бил и советник во општината Охрид, добро познат на граѓаните, си ја извршувал совесно својата должност, познат е и помеѓу лекарите како стоматолог, познат е и меѓу спортистите како ракометар и сметаме дека тој е човек кој може да го врати сјајот на Охрид кој во овие неколку години, за жал, го изгуби, дури се најде и на црвената ризична листа на УНЕСКО. Гледаме предност на Кирил Пецаков во однос на актуелниот градоначалник и кандидат за нов мандат од СДСМ, затоа што тој има селективен пристап кон охриѓани. За некои охриѓани тој е човек кој руши дивоградби, а за други кои се моќни, кога треба да им руши нешто на нив, вели дека стравува за неговиот живот и таквиот селективен однос ги прави нерамноправни граѓаните на Охрид, истакна Милошоски.

Кирил Пецаков е со години член на ВМРО-ДПМНЕ, од Унијата на млади, претседател на ОК Охрид, се до највисокото партиско раководство. Тој е поранешен советник во Општина Охрид и меѓу поактивните членови на партиската парламентарна група во Собранието. 

15.07.2021 - 08:50

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега