ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ со меѓусебни барања за оставки на лидерите

И владејачката СДСМ и опозициската ВМРО-ДПМНЕ бараат оставки од лидерите на своите опоненти.

ВМРО-ДПМНЕ бара од Зоран Заев да си даде оставка поради изборниот пораз.

-Губитникот Заев да си даде оставка, изгуби со над 100.000 гласови разлика. Тоа е најслабиот резултат на неговата партија. Заев изгуби над 40 општини. Народот во над 40 општини избра промени. Владата на Заев е делегитимирана. Тој мораше да киднапира пратеник за да може да остане да владее и да краде. Со такви методи на присила не се исклучува можноста тој и да го зголеми мнозинството за пратеник или два, но сето тоа кратко ќе трае, затоа што народот е за промени, и револтот кај граѓаните кон Заев и неговите насилнички методи е се поголем, велат од опозициската партија.

Според партијата, Заев е виновен за енергетската криза.

-Заев е политичарот поради кој сме на 111 место на Транспаренси, на врвот на листата во Европа по бројот на починати од КОВИД на еден милион жители. Заев е виновен затоа што земјата е ословена како хибриден режим, за 215 пасоши издадени на белосветски криминалци, за шверцот со дрога во која беше фатен возач на член на неговото семејство. Заев е виновен затоа што државата е во енергетска криза, за инфлацијата и за лошата живеачка. Заев е причината за сите порази. Заев мора да си замине, се вели во дописот од ВМРО-ДПМНЕ.

И СДСМ бара Мицкоски да си поднесе оставка. Според партијата, тој имал политички дебакл и поради тоа треба да ја напушти функцијата претседател на ВМРО-ДПМНЕ.

-Христијан Мицкоски да понесе одговорност за својот политички дебакл, откако се разоткри уште една негова голема лага, дека има ново парламентарно мнозинство. Слепо воден од желба за власт по секоја цена, тој седна на маса со оние коишто се против НАТО, против ЕУ, против Преспа, против добрососедските односи, против Рамковниот договор. Но, се покажа дека со измами, со манипулации не може да се дојде до парламентарно мнозинство, се потврди, дека мнозинството пратеници се за напредок, за задржување на вистинскиот пат, за продолжување на европските интеграции, за добри односи со соседите и стабилни меѓуетнички односи, за економска сигурност. Не му успеа на Мицкоски тоа што го посакуваше: дестабилизација, криза, враќање назад, рушење на постигнатото во однос на стратешките интереси на земјата, велат од СДСМ.

 

13.11.2021 - 10:31

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега