ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ во „принтскрин“ војна: Меѓусебни обвинувања за закани и притисоци

И владејачката СДСМ и опозициската ВМРО-ДПМНЕ со „принтскрин“ фотографии меѓусебно се обвинуваат за закани и притисоци.

Драган Ковачки, член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференција објави „принтскрин“ фотографии од Вибер група која полициски службеници наводно ја користеле за следење на кандидатот за градоначалник на Прилеп, Борче Јовчевски.

Тој обвини дека групата на Заев и Спасовски составена од над 40 полицајци правела црни списоци на автомобили кои морале да бидат отстратени од сообраќај, организирала физичко следење на неистомисленици, правела списоци за гласање за СДСМ и давала наредби за измислување на прекршоци.

-Наместо во име на законот, тие делувале во име на партијата на власт. Ваквата параполициска партиска формација во служба на СДСМ вршела брутална злоупотреба, а освен раководството и командирите на Прилепската полиција, во нејзе учествувале и лица од најблиското опкружување на Оливер Спасовски. “Црн список на возила за отсранување”, “измислете прекршок, тргнете го”,” барајте му лекарско”, “до вечер список од акцијата глас плус важи за сите”, се дел од пораките кои ќе ги објавиме како дел од злострничката група на Заев и Спасовски. Да одиме со ред: Оваа група, која според тоа што имаме на увид била под команда на Кире Китаноски од МВР, човек на советникот на Оливер Спасовски, Оливер Лукароски и истата целосно се ставила во партиска функција на СДСМ, рече меѓу другото Ковачки на прес-конференција.

И пратеничката на СДСМ, Славјанка Петровска на прес-конференција објавуваше „принтскрин“ фотографии од закани од членови на ВМРО-ДПМНЕ. Според неа, опозициската партија не е поместена ниту милиметар од, како што рече, режимската и насилничката матрица.

-Сосем малку им требаше за да продолжат онаму кадешто ги застаневме во 2016 година. После првиот изборен круг членови и активисти на ДПМНЕ продолжија да се закануваат со насилство кон граѓаните кои не се дел од оваа партија. За тоа доказ се и фотографиите зад мене. Ова е само мал дел од заканите кои членовите на ВМРО-ДПМНЕ јавно ги испраќаат, а за кои сведочат граѓаните на социјалните мрежи. Еве дел од нивната содржина: „Ајде во втор круг со ново мнозинство да ги гониме како шинтери џукели“, „ти се бројат деновите гаде предавнички“ „гробови да ви се отворат“, „море да ја снема оваа чума“, „живи да ги закопаме“, рече Петровска, додавајќи дека во граѓани сведочеле оти во општините каде ВМРО-ДПМНЕ победи во првиот круг, се правеле списоци на членови и поддржувачи на СДСМ.

25.10.2021 - 14:23

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега