ВМРО-ДПМНЕ: Мачка му го изела јазикот на Ковачевски

 

Ковачевски, Маричиќ и Османи прописно се посрамотија за овој Илинден. Го чествуваа без да споменат дека е македонски и го злоупотребија да го убедуваат народот за уставните измени, иако над 80% од граѓаните се против уставни измени под бугарски диктат, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.

„Наместо да ја трошат енергијата да го понижуваат својот народ, требаше да реагираат на пораките кои доаѓаат од Софија на овој голем ден кој се целосно негаторски за Македонија и нејзината државност. Зошто Ковачевски, Маричиќ и Османи премолчеа на чествувањето на Илинден во Софија од каде највисоките државници го оквалификуваа како бугарско. Да биде скандалот поголем, премиерот Денков го извитопери идеалот на Илинденското востание и го прикажа како востание чија крајна цел било присоединување на Македонија кон Бугарија“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Прашуваат дали е ова добрососедството кое го донесе оваа власт на ДУИ и СДС?

„Зарем овие историски наративи оваа власт е подготвена да ги прифати? Ова е уште еден доказ дека поради кусогледоста и свитканата кичма на оваа власт историјата на Македонија се ревидира и таквата намера на Бугарија станува услов за нашата евроинтеграција.

Затоа народот е против бугарскиот диктат, затоа што нема гаранции дека ова е последното барање од Софија и крајната цел е однародување или во спротивно преговорите ќе траат до недоглед“, се истакнува во нивното соопштение.

„Ковачевски, зарем мачка ти го изеде јазикот? Каде е твојата реакција на негаторските пораки од Софија или не смееше да им писнеш?“, прашуваат од опозициската партија.

04.08.2023 - 09:17

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега