ВМРО-ДПМНЕ: Мицкоски и Ахмети разговараа за гласањето доверба на Владата

ВМРО-ДПМНЕ потврди дека лидерот на партијата Христијан Мицкоски се сретнал со првиот човек на ДУИ, Али Ахмети.

„360 Степени“ пренесува дека оттаму реагираат на информациите кои излегоа од ДУИ околку темите на разговор на средбата. Од партијата велат дека лидерите разговарале околу прашањето за гласање доверба на Владата.

-Тема на разговорот беше прашањето за гласање на доверба на Владата на СДСМ-ДУИ, за што до Собранието се поднесени 61 потпис, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата велат дека средбата се одржала на барање на Ахмети и траела околу половина час.

Претходно „Слободен печат“ објави дека претседателите на двете партии имале информативна средба за да се слушнат ставовите на Мицкоски за Преспанскиот договор, новото име на државата и спорот со Бугарија.

-Господинот Ахмети денеска имаше средба со господинот Мицкоски и на таа средба се разгледани главните програмски точки и дали во иднина можат да се поклопат тие на ДУИ со оние на господинот Мицкоски. Што се однесува за договорот од Преспа, го прифаќа или не новото име на државата, другото прашање е каква е визијата на господинот Мицкоски за проблемот со Бугарија, кој е клучен за да се отворат преговорите со ЕУ. Ова се точките кои отвораат можност за соработка со господинот Мицкоски или не, во иднина доколку ВМРО-ДПМНЕ победи на парламентарните избори, велат од ДУИ за „Слободен печат“.

Ахмети денеска се сретна и со претседателот на СДСМ Зоран Заев кој веќе ја најави својата оставка и на премиерската и на партиската функција. Средбата беше во Собранието откако Заев беше повикан од собранискиот спикер Талат Џафери со цел лично да го информира за поставеното прашање за доверба на Владата, но и за понатамошните деловнички чекори.

Инаку, Ахмети вчера од Централниот одбор на партијата доби „одврзани раце“ да носи одлуки и да разговара со сите политички партии од двата блока, освен оние кои се анти-НАТО, анти-ЕУ и анти-Албанците. Бујар Османи рече дека ДУИ останува да биде сидрото на евроатлантските процеси на државата и оти државните се пред партиските интереси.

08.11.2021 - 22:51

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега