ВМРО-ДПМНЕ: Молкот на Заев значи согласност со изјавата на Морачанин дека струјата треба да поскапи

Oд ВМРО-ДПМНЕ се разочарани поради тоа што премиерот Зоран Заев, како што велат, со никаква изјава не посочил дали се согласува дека народот треба да плаќа уште поскапа струја, откако ова го предложи Маја Морачанин, претседателката на ДОМ, партија која е во владејачката коалиција.

Деновиве од собраниската говорница Морачанин порача дека струјата не треба да биде евтина, односно дека граѓаните треба да плаќаат поскапа електрична енергија бидејќи на тој начин ќе трошат помалку.

„Попусти се фалбите на СДСМ дека граѓаните нема да плаќаат поскапа електрична енергија, со намалувањето на ДДВ-то, кое по вина на власта се одолговлекуваше во Собранието. Граѓаните не треба да бидат излажани, законското решение е до крајот на годината, а со неспособното владеење на СДСМ, народот го очекува ценовен шок“, се наведува во партиската реакција.

Од ВМРО-ДПМНЕ посочуваат на предупредувања од експерти дека со затворањето на РЕК Битола и недоволните производни капацитети, власта се обидува, како што велат, да го осуди народот да плаќа даноци, нови покачувања и измислени нови давачки.

„Власта не е способна на граѓаните да им обезбеди поевтина електрична енергија, но ВМРО-ДПМНЕ не само што ќе ја намали цената на чинење на струјата, туку и ќе обезбеди парите од покачената акциза да се вратат кај граѓаните“, велат од опозициската партија додавајќи дека ваквите политики се дел од нивниот нов концепт „Македонија за сите луѓе“.

17.07.2021 - 10:13

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега