ВМРО-ДПМНЕ обвинува: Бугарија го води орото, Македонија само гледа

Скопје и Софија не се рамноправни страни во преговорите, оценува опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Според партијата, бугарската страна го води процесот, а македонската Влада е нем набљудувач.

Освен тоа, за ВМРО-ДПМНЕ нема потреба од формирање на повеќе работни групи, бидејќи велат дека спорот е историски, а не економски или инфраструктурен.

Ставовите на опозициските функционери беа соопштени на трибината на тема „Заштита на националните и државните интереси наместо дипломатија од пазар“ во партиската зграда. Гордана Силјановска Давкова рече дека земјата не треба да повторува дека нема територијални претензии кон соседите бидејќи тоа е дел од Уставот уште од 1992 година.

Реагираше владејачката партија. Изјавите ги нарекоа лажни, а обвинувањата рециклирани. Според СДСМ, претседателот на опозициската партија, Христијан Мицкоски требало да се појави пред граѓаните и да ги информира за што разговарал на средбата со бугарскиот премиер Кирил Петков.

-Дали Мицкоски му ги постави на бугарскиот премиер Кирил Петков прашањата за кои им зборуваше на медиумите? Што кријат Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ од средбата со Петков? За што разговарале на таа средба? Граѓаните претходно на средбата на Мицкоски со Бојко Борисов видоа дека тој го менува ставот кога се среќава со официјални лица. Дали беше така и на средбата со Петков?, велат од СДСМ.

Владата од Скопје во понеделник ќе отпатува за Софија, каде во вторник ќе се одржи меѓувладината седница. Во рамките на средбата ќе се формираат четири нови работни групи и ќе се потврди продолжувањето на работата на петтата група, онаа за историја. Премиерот Димитар Ковачевски имаше работни активности во текот на денов, но медиумите не беа поканети. Поради тоа јавноста нема никакви детали за темите што ќе се отворат во вторник.

 

23.01.2022 - 15:46

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега