ВМРО-ДПМНЕ: Огромен скандал е што истражители на АНБ вршеле рекет на бизнисмени

Огромен скандал е што истражители на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) вршеле рекет на бизнисмени, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ на акцијата која се спроведува во Скопје против уценувачи на бизнисмени, а во која според неофицијални информации, меѓу приведените има и вработен во АНБ.

„Прашањето е што барале вработени во АНБ да соработуваат за рекет со криминалното подземје? Заевизмот и луѓето од власта партискиот рекет кој го видовме со Катица Јанева го претворија и во државен рекет овој пат со Агенцијата за национална безбедност. Зошто АНБ наместо да се грижи за националната безбедност се грижи и врши рекет на бизнисмени? Кои луѓе од власта на Заев се вмешани во овој скандал? И зошто нема одговорност за челните луѓе од АНБ?“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Според извори од истрагата, акцијата ја спроведува Основното јавно обвинителство (ОЈО) – Скопје, но досега за акцијата не се огласија ниту од обвинителството ниту МВР.

Неофицијално, покрај вработениот во АНБ, приведен бил и еден од амнестираните за настаните од 27 април 2017 година во Собранието. Тој беше обвинет за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста, но потоа беше амнестиран бидејќи беше во групата обвинети кои директно не учествувале во насилствата.

04.11.2021 - 23:46

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега