ВМРО-ДПМНЕ со писмо до евроамбасадорот Гир: Уставниот суд се партизира

Пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ со писмо побраа од евроамбасадорот Дејвид Гир да се заложи за зачувување на независноста на Уставниот суд, бидејќи власта имала намера за уставни судии да бидат избрани партиски функционери на СДСМ, спротивно на член 111 од Уставот.

„Во Собранието во тек е постапка за избор на уставни судии, а намерата на власта е за уставни судии да бидат избрани истакнати партиски функционери на СДСМ, и тоа актуелната генерална секретарка на Собранието, Цветанка Ивановска и Васко Талевски, адвокат и до неодамна член на Извршниот одбор на СДСМ и актуелен член на Општинската организација на СДСМ-Битола.

ВМРО-ДПМНЕ во изминатиот период даде поддршка на сите закони од областа на правосудството со заедничка цел поддржана од ЕУ, ОБСЕ, и САД да се избираат лица со професионално искуство во правосудниот систем и лица кои дале научен придонес во областа на правото“, пишуваат пратениците од ВМРО-ДПМНЕ.

Во писмото тие аргументираат дека Иванова нема никакво практично искуство во правосудството ниту пак има каков било научен труд во областа на правото што ја исклучува од категоријата на истакнати правници како услов за да се биде уставен судија.

„Напротив, Иванова е позната како долгогодишен пратеник од редовите на СДСМ, државен службеник во Општина Струмица во времето кога градоначалник бил Зоран Заев и актуелно политички именувана на позиција генерален секретар на Собранието, кога премиер е Заев.

Во членот 111 од Уставот е утврдено дека функцијата судија во Уставен суд е неспоива со членување во политичка партија. Спротивно на ова, Иванова неодамна доби јавна благодарница од СДСМ за нејзиниот придонес во партиските структури, а Талевски беше член на ИО на СДСМ и на 29.01, 2021 јавно го ажурираше своето членство во СДСМ. Ова јасно покажува дека двајцата кандидати немаат професионален капацитет, не се истакнати правници за да бидат уставни судии, а нивниот активен партиски ангажман е спротивен на Уставот во делот на условите за избор во Уставен суд“, се наведува во писмото.

Од ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека со евентуалниот избор на Иванова и Талевски за уставни судии ќе се изврши девалвација и партизација на Уставниот суд со што ќе се наруши независноста на овој орган кој ја штити уставноста и законитоста и врши контрола на законодавната и извршната власт.

09.06.2021 - 10:52

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа