ВМРО-ДПМНЕ: Власта го задолжи секој граѓанин за нови 1.250 евра

„Граѓаните во Република Македонија повторно ќе ги преживуваат истите слики и случувања од 90-тите години на минатиот век. Зголемена инфлација, високи цени на основни прехранбени продукти, а ниски примања. Се поголема е сиромаштијата во Македонија. Инфлацијата целосно го изеде стандардот на граѓаните, а власта со прст не мрдна за зголемување на куповната моќ кај населението. Единствено што знае оваа криминална власт предводена од СДСМ и ДУИ е целосен грабеж преку тендери и трошење за непродуктивни работи“. Ова стои во реакцијата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, испратена утрово до медиумите, во која воедно потенцираат дека Власта го задолжи секој граѓанин за нови 1.250 евра.

„Додека се луксузираат со парите на граѓаните, не видовме ниту еден капитален проект завршен од оваа најнеспособна власт. Бидејќи нема капитални инвестиции, БДП на државата за почетокот на оваа година е најниско во регионот, владата на Ковачевски реши повторно да ја задолжи државата.

За последните две години криминалците од „Илинденска“ ја задолжија Македонија за над 1.6 милијарди евра, а со новото задолжување оваа власт ќе ги задолжи граѓаните за 2.3 милијарди евра и со тоа јавниот долг на државата ќе изнесува над 7.9 милијарди евра.

Под превезот на кризите власта за само 3 години го задолжи секој граѓанин за нови 1.250 евра“, стои во реакцијата на опозицијата.

Оттаму додаваат дека економијата во државата е целосно урнисана заради, како што велат,  најнеспособната власт која ја имала Македонија од осамостојувањето до денес.

 

Од ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека се потребни се брзи предвремени парламентарни избори за излез од оваа економска криза.

25.04.2022 - 10:29

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега