Во Брисел продолжува објаснувачкиот скрининг

Република Северна Македонија да има фер пристапни преговори, втемелени на заслуги, критериуми и реформи, и процесот да не се злоупотребува од земји членки, е заложбата на европратениците од Зелените/Групата на ЕСА Тинеке Стрик и Рајнхард Бутикофер. Во Брисел, пак, во рамки на скринингот помина вториот ден од презентациите на Европската комисија за законодавството и стандардите на ЕУ за Поглавјето 24 „правда, слобода и безбедност“ за македонскиот и албанскиот преговарачки тим во оваа област.

-Ние сакаме фер процес на пристапни преговори, со фер критериуми во кој нема толкаво влијание на билатералните прашања. Отсега натаму ќе се обидуваме да го исчистиме овој процес, да се осигураме дека ова е процес каде што преговорите се врз основа на заслуги, критериуми, реформи, владеење на правото, фундаменталните човекови права, судството и сите барања коишто се фер со цел државата да стане дел од европското семејство, порачаа европратениците Стрик и Бутикофер при посетата на земјава. 

Европратеничката Стрик порача дека ќе се заложат да нема нерелевантни основи во натамошниот тек на преговорите.  

-Да се осигурaме дека нема злоупотреба од страна на држави земји членки на ЕУ кои се наметнуваат на оние кои се надвор од клубот. Ние ќе направиме притисок, ќе ја притиснеме Комисијата и земјите членки и партиите во Европскиот парламент да нема нерелевантни основи за натамошен тек на преговорите за членство, рече Стрик.

Таа оцени дека „францускиот предлог“ донел одредена поларизација во општеството  и намалена доверба во ЕУ и кон Владата и смета дека е потребно, како што рече, „сите заедно да работиме да ја повратиме довербата“.  

-Ја понудивме нашата поддршка и на институтите, но и на политичките партии и јасно дадовме до знаење дека искрено сакаме да ви помогнеме да се добие подобра соработка меѓу ЕУ и Северна Македонија без разлика дали станува збор во сферата на законодавство или пак во сферата на справувањето со енергетската криза или прашања коишто ја притискаат државата или, пак, се работи за поддршка и солидарност која што треба да ја покажеме како реципроцитет на солидарноста која што вие ја покажавте со приклучувањето кон санкциите против Русија во врска со војната со Украина. Треба да ве поддржиме и во имплементацијата на сите реформи коишто се во фаза на процесот. Усвоени се закони, но сега на ред е нивната имплементација, рече Стрик.  

Според неа, доколку се почитува владеењето на правото и човековите права без разлика на историја и на идентитетот тогаш тоа значи дека се исполнети условите за членство.

-Се надевам дека ќе ги надминеме ваквите пречки во однос на билатералните прашања коишто ги споменав. Ова е и наша одговорност, но се надевам и очекувам една социјална обединетост меѓу граѓаните и еден добар преговарачки процес, да се осигуриме дека се движиме напред на патот и дека ќе ја примиме во клубот Северна Македонија што е можно поскоро, потенцира Стрик.

Европратеникот Бутикофер одговарајќи на новинарско прашање во однос на условот за уставни измени пред почеток на преговорите по поглавја истакна дека за него главно прашање е „дали ќе успееме да избегнеме еден континуиран процес на поставување пречки една по една“.

-Во идеален случај да бидам искрен, да не излезе ова како мешање во внатрешните работи, јас би бил за покренување на уставни прашања во време кога целокупните преговори ќе бидат финализирани и да кажеме ова е дел од финалниот пакет. Не сум сретнал ниеден соговорник вклучително и од бугарска страна кои го гледале како проблем. Слушнав некои шеги за вклучување на Јапонците и Монголците во Уставот. И мислам дека ова не е проблем. Мислам дека проблемот, прашањето е дали ќе успееме да избегнеме еден континуиран процес на поставување пречки една за друга, една по една. Ова не би било во духот на Европа и нема да биде во духот на она што ветија експлицитно одредени држави. Поранешната канцеларка Меркел, еднаш му рече на претседателот на една држава која што стави пречка, ако се однесувавме вака како што се однесувате сега кон РСМ вие сега немаше да бидете тука со мене да разговарате како членка на ЕУ, истакна Бутикофер.  

 

Во своето обраќање на јавната дискусија во Комисијата за европски прашања, европратеничката Стрик меѓу другото, порача и дека македонскиот идентитет и јазик не може да бидат порекнати во Европа.

24.09.2022 - 10:23

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа