Во Грција следниот месец ќе се укине полицискиот час

Од денеска во Грција стапува во сила новата одредба во која се намалува полицискиот час и тој ќе започнува во еден часот и 30 минути по полноќ, наместо како што беше досега пред полноќ. Со измената на времетраењето на полицискиот час ќе се продолжи и работното време на угоститетлските објекти и дополнително ќе биде дозволена и жива свирка во нив. Кафулињата и рестораните и натаму ќе смеат да услужуваат гости само на отворено, односно на летни тераси и плажи.

Ноќните клубови, дискотеки и внатрешните делови на угостителските објекти и натаму ќе бидат затворени. Заменик-министерот за цивилна заштита на Грција, Никос Хардаљас изјави дека доколку епидемиолошката слика во земјата е добра, од 1 јули целосно ќе биде укинат полицискиот час, а на прославите дозволени ќе бидат најмногу 300 гости, наместо 100 како што е сега. Актуелните мерки во Грција, освен за грчките граѓани, важат и за туристите.

Епидемиолошката слика во Грција се подобрува, бројот на нови случаи е во просек под илјада дневно, намален е на 2,3 отсто процентот на позитивни случаи во однос на направени тестови, а хоспитализирани се 1.700 лица. Од почетокот на епидемијата, во земјата има 413.954 заразени и 12.381 смртен случај. Од почетокот на масовната имунизација до вчера се вакцинирани над 4 милиони жители со една доза, додека 2, 6 милиони граѓани примиле две дози од вакцините против ковид-19 .

12.06.2021 - 16:09

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега