Во предложениот владин состав, најмладиот министер има 33 години, а највозрасниот 56- доминираат правници и економисти

 

Правници и економисти доминираат во составот на новата Влада на мандатарот Зоран Заев, дипломиран економист и долгогодишен бизнисмен и поранешен градоначалник, кој ја вршеше премиерската функција и во изминатите три години. За спроведувањето на владината програма ќе бидат задолжени и електроинженер, архитект, новинар, специјалист хирург, специјалист по неврохирургија, специјалист по интерна медицина, дипломиран социјален работник. Најмладиот министер има 33 години, а највозрасниот 56, покажуваат податоците од објавените биографии во Предлог составот на Владата.

Првпат Владата добива прв вицепремиер и министер за политички систем, функција што ќе ја врши дипломираниот новинар и долгогодишен пратеник од ДУИ Артан Груби, како и вицепремиер за борба против корупцијата, за што е предложен Љупчо Николовски, дипломиран правник, генерален секретар на партијата и поранешен министер за земјоделство.

Вицепремиерска позиција  за европски прашања ќе врши и Никола Димитров, досегашниот министер за надворешни работи, кој исто така е дипломиран правник.

За вицепремиерското место за економија ќе биде задолжен Фатмир Битиќи. Во неговата биографија пишува дека е интернационален експерт по менаџирање со економски процеси и реформи, а меѓу останото бил извршен директор на Стопанската комора на Северозападна Македонија и претседател на Комисијата за финансии на СДСМ. На оваа позиција во изминатите три години од мандатот на Владата беа бизнисменот Кочо Анѓушев и Мила Царовска. Битиќи треба да ги координира Фатмир Бесими, кој ќе раководи со Министерството за финансии, Крешник Бектеши со Министерството за економија, Јетон Шаќири во Министерството за информатичко општество и администрација, тројцата кадри од ДУИ, како и Аријанит Хоџа во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, кадар на БЕСА, Благоја Бочварски во Министерството за транспорт и врски и Јагода Шехпаска во Министерството за труд и социјална политика, кои пак се кадри на СДСМ.

Од економскиот владин тим Бесими е доктор по економија, Бектеши е магистер по менаџмент и стратегии, а Хоџа е професор на Факултетот за бизнис и администрација во Универзитетот на Југоисточна Европа и тој ќе биде и најмладиот министер во Владата. Бочварески е дипломиран архитект и доскорешен градоначалник на Општина Штип, додека Шехпаска е специјалист по интерна медицина и пратеник во претходните два собраниски состава.

Нема промени во раководните позиции во безедносните ресори – за внатрешни работи и за одбрана. Таму повторно ќе раководат Оливер Спасовски, дипломиран правник и доскорешен технички премиер кој ја вршеше министерката функција во Министерството за внатрешни работи пред почетокот на преодната Влада, како и Радмила Шекеринска, електротехнички инженер која останува да ја менаџира одбраната како и во изминатите три години. И во Министерството за здравство останува досегашниот министер Венко Филипче, кој по професија е специјалист неврохирург, а министерската функција во Министерството за животна средина и просторно планирање и понатаму ќе ја врши и Насер Нуредини, со претходна кариера кариера во областа на финансиите во Лондон и Виена како аналитичар и како инвестициски менаџер за пазарите во Централна и Источна Европа. Со ист министер останува и ресорот локална самоуправа, каде ќе продолжи да раководи Горан Милевски, по професија економист и кадар на ЛДП.

За менаџирањето во ресорот правда ќе биде одговорен Бојан Маричиќ, магистер  по меѓународно и европско право. На функцијата министер доаѓа од позицијата Национален координатор  за интеграција во ЕУ, Берлински процес и регионална соработка и заменик на главниот политички преговарач и шеф на преговарачкиот тим за пристапување на Република Македонија во ЕУ при Владата. За дипломатијата ќе биде задолжен Бујар Османи специјалист хирург и доскорешен вицепремиер за европски прашања.

Министерството за образование и наука, пак, ќе го раководи Мила Царовска, која е дипломиран социјален работник, доскорешен вицепремиер за економски прашања и која имаше и министерска функција во Министерството за труд и социјална политика во досегашната Влада.

За министерка за култура е предложена Ирена Стефоска, која е доктор на историски науки и досегашна претседателка на собраниската Комисија за култура.

Оваа влада е за седум министри помала од претходната и ќе брои 19 министерски места и премиер.

Во новата влада ќе има четири жени, сите од редовите на СДСМ.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

29.08.2020 - 10:05

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега