Во Тетово денеска се фрлаше крст: Најсреќен беше Томислав кој го фати осветениот крст

Во тетовската црква „Света Богородица“ се одбележа празникот Водокрст, ден пред Богојавление Водици. По светата литургија, во црковниот базен во дворот во црквата се изврши Водосвет и спуштање на Светиот крст.

По крстот скокнаа тројца верници, 21-годишниот Живко Секуловски, 30-годишниот Драгиша Јовановски и 36 годишниот Томислав Несторовски. Најуспешен и најсреќен беше најстариот Томислав кој го фати осветениот крст.

– Скокам по втор пат. Прв пат ми се насмевна среќата да го фатам јас крстот.  На сите христијани, браќа и сестри им го честитам денот, Водокрст да се живи и здрави, бериќет, здравје за сите и мир во државата. Лани скокнав за прв пат.  На личен план на прво место ми е фамилијата, да се живи и здрави, да има бериќет, изјави Томислав, професионален војник, женет и татко на две деца на пет години и два месеци.

Митрополитот на тетовско-гостиварската епархија господин Јосиф во својата беседа го истакна значењето на празникот, денот кога се осветуваат водите, а воедно ги поучи верниците како правилно треба да ја употребуваат светата вода.

– Денешниот празник се нарекува Водокрштение ,Водокрст или Водопост. Водокрст доаѓа од крштението односно од осветувањето на водата, а Водопост поради тоа што се работи за строг пост. Овој празник е востановен во спомен на крштението на луѓето кои го примале Христијанството. Во светата црква се познати две осветувања на вода. Големо и мало осветување. Големото осветување се врши два пати во годината. Токму на денешен ден на Водопост во предвечерието на Богојавление и утре на Богојавление, зошто се сеќаваме на крштевањето на Господ Исус Христос во реката Јордан во која црквата го гледа прототипот на прочистување на гревовите но и вистинско осветување на водата со присуство на Бога. Исто така кога се врши Крштение се случува Големо осветување на водата. Додека мал водосвет се врши во различни прилики при дурги црковни чинови и на барање на верниците, истакна владиката.

Единствено во Тетово чинот на спуштање на крстот се извршува и на празникот Водокрст, односно еден ден пред Водици. Утре на Водици централното одбележување е во соборната црква „Свети Кирил и Методиј“ каде осветениот крст ќе се спушти во црковниот базен во 10 часот.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

18.01.2020 - 11:44

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега