Воен удар во Буркина Фасо: Претседателот уапсен, владата и парламентот распуштени

Војската во Буркина Фасо денеска го собори од власт претседателот Рох Каборе, го суспендира уставот, ги распушти владата и националното собрание и ги затвори границите на земјата.

Во соопштение, потпишано од потполковникот Пол-Анри Сандаого Дамиба, а прочитано на државната телевизија, се вели дека преземањето на власта било извршено без насилство и дека приведените се на безбедно место, пренесе „Ројтерс“.

Соопштението e издадено во име на засега непознато тело – Патриотско движење за зачувување и обнова или МПСР.

Како причина за извршениот воен удар се наведува колапсот на безбедносната ситуација во земјата и како што се вели, неспособноста на Каборе да ја обедини нацијата и ефикасно да одговори на предизвиците со кои се соочува.

Претходно, партијата на Каборе соопшти дека тој преживеал обид за атентат, без да изнесе конкретни детали.

Инаку, Каборе не се појавил во јавноста по пукањето во неколку касарни во главниот град Уагадугу и во близина на неговата резиденција откако војници побараа смена на воените началници и повеќе средства за борба против милитантните исламисти.

Владата тогаш негира дека армијата ја презела власта.

На твитер-налогот на претседателот на Буркина Фасо е објавен неговиот повик до сите што посегнале по оружје да го положат заради повисоките интереси на нацијата.

Пучот во Буркина Фасо го осуди и генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш.

24.01.2022 - 23:08

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега