Втор обид да се оцени обвинението за Вељаноски, Јанакиески, Атанасовски и Ристовски

Во Кривичниот суд денеска, по вторпат, ќе се оценува обвинителниот акт за организаторите на настаните на 27. април во Собранието од 2017 година каде обвинети се Трајко Вељаноски, Миле Јанакиески и Владимир Атанасовски, oткако претходната оценка на обвинението беше одложена бидејќи адвокатите побараа увид во доказите, објави А1он.

Советот во кој се судиите Марин Станевски, Оља Ристова и Даниела Алексовска Стојановска, иако адвокатите на обвинетите побараа, минатиот пат не дозволија јавност на оценката на обвинението за 27 април, иако тоа беше дозволено во случајот „Пуч“ каде обвинет беше Зоран Заев.

Според теоријата на обвинителството, обвинетите Трајко Вељаноски, Спиро Ристовски, Миле Јанакиески и Владимир Атанасовски, на почетокот на 2017 година по неуспешните преговори за формирање Влада, со намера да го загрозат уставниот поредок и безбедноста на земјата, подготвиле и реализирале план со акти на насилство да оневозможат мирно примопредавање на власта на новоформираното парламентарно мнозинство.

Обвинетите, како што наведе Обвинителството, ги организирале и материјално ги поддржале масовните протести, првин пред Државната изборна комисија, а потоа и протестите на движењето „За заедничка Македонија“ што кулминираа со насилното влегување во парламентот на 27 април 2017 година.

Организаторите ја вклучиле севкупната партиска структура и материјални средства за исполнување на целта, притоа овозможиле и континуирано намалување на бројот на полициски службеници за обезбедување на протестите и на зградата на Собранието.

Критичниот ден организирале непречено влегување на народните маси во парламентот, вклучувајќи патриотски здруженија и ангажирајќи извршители на насилство.

Во седиштето на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, двајца од обвинетите постојано го мобилизирале членството на партијата од Скопје и другите градови во одреден момент да извршат насилен упад во Собранието, знаејќи однапред дека објектот не е соодветно обезбеден и заштитен со полициски сили и дека пречките за влез во Собранието ќе бидат отстранети.

Извршителите на нападот се неправосилно осудени на вкупна казна затвор од над 200 години.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

06.12.2019 - 08:40

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега