За оние кои користат плински боци - никако грејни тела во нивна близина и вентилите да се добро затворени

Немојте да ставате грејни тела во близина на плински боци, бидејќи тие се под притисок, па секое вакво невнимание може да доведе до тешки последици.

Исто така, треба да внимавате од боците да не истекува плин, односно вентилите од боците да се добро затворени, и тоа не смее никако да се заборави. Бидејќи, секоја мала искра или доколку се запали цигара во таков случај, може да доведе до експлозија и до катастрофален пожар. 

Вакви предупредувања даваат пожарникарите, откако кумановско Романовце денеска беше потресно од големата трагедија, кога при експлозија на плинска боца загинаа три дечиња, а од седумте повредени, четири лица се борат за живот на скопска клиника, со висок степен на изгореници. 

Двајца повредени во вчерашната експлозијата на плинска боца во кумановското село Романовце, меѓу кои една пациентка на возраст од 31 година со 80 проценти изгореници по телото и десетгодишно дете со 70 проценти изгореници по телото се во тешка здравствена состојба и се на механичка вентилација на Универзитетската клиника по хирушки болести „Св.Наум Охридски“ во Скопје. На Клиниката е хоспитализирана и уште една повредена пациентка на возраст од 28 години со 25 проценти изгореност на површината на телото која е бремена во седми месец, изјави денеска директорот на таа Клиника, д-р Љубен Арсенков.

– Во текот на вчерашниот ден во Клиниката примени се тројца пациенти од кои една пациентка е на возраст од 31 година со 80 проценти изгореност на површината на телото со трет степен изгореници, која е во крајно тешка состојба и е на механичка вентилација, со изгореници на дишните патишта. Втората пациентка е на возраст од 28 години со 25 проценти изгореност на површината на телото со втор степен изгореници, кај која отежнителна околност е што е бремена во седми месец. Вчера и е направен конзилијарен преглед од гинеколог и констатирана е состојбата на плодот и како ќе се одвива натаму ситуацијата е неблагодарно сега прогноза да даваме, рече д-р Арсенков.

Посочи дека за десетгодишното дете за кое вчера проценките биле дека е со помал процент изгореници, но по адекватна обработка во операционата сала е евидентирана површина на изгореност на телото од 70 проценти. – Тоа е на механичка вентилација и е во тешка состојба, потенцира д-р Арсенков.

Одговарајќи на новинарско прашање дали освен изгорениците повредените имаат и оштетувања на витални органи, тој рече дека пациентката на возраст од 31 година има изгореници на дишните патишта, но изгорениците не се само зафаќање на кожата на телото.

– Механизмот на повредата е таков да реперкусии има и по останатите органи, кои во наредните денови допрва ќе треба да ги предвидуваме, додаде д-р Арсенков. 

Да потсетиме, во експлозија од плинска боца завчера загинаа 3 деца на возраст од 8, 9 и 11 години, а синоќа и 58-годишен маж им подлегна на повредите.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

24.02.2020 - 17:26

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега