За Заев модуларните болници се поставени за да се избегне италијанско сценарио, за Мицкоски тоа е одамна поминато

Премиерот Зоран Заев вели дека не смее трагедијата во Тетово да се користи за политички цели. Тој во дуелот со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на Канал 5 рече дека секој различно се носи со загубата на 14-те животи.

-Да се злоупотребува за политички цели оваа страшна трагедија е навистина проѕирно. Граѓаните тоа го гледаат, секој ден го гледаат. Не може на некој да му е потешко, на некој да му е помалку тешко. Некој повеќе да жали, некој помалку да жали. Сите жалиме. Прашањето е како – како одговорен човек се претставувате кога се случуваат вакви страшни трагедии. Одговорноста кај мене е поголема зашто сум претседател на Владата. Одговорноста е и грижата за државата. Затоа што дефинитивно сите знаеме дека поставивме модуларни контејнери, префабрикати, односно претходно сработени во фабрика. За таквите времено поставени објекти не се дава употребна дозвола, рече Заев.

Појаснува дека Законот пропишува да се направи примопредавање за ваквите објекти.

-Таму кадешто се дава дозвола за градба се дава и употребна дозвола. Таму кадешто имате времена употреба на модуларни контејнери – префрабрикати се прави примопредавање и некој ја презема одговорноста за управување со тој времен објект. Да не заборавиме, објектите се поставени за да ги заштитиме и згрижиме граѓаните, да не ни случи италијанското сценарио, кадешто беа во болнички коли, на паркинзи пред болниците и затоа се поставени кај нас, како и секоаде во светот, појаснува Заев.

Рече дека владините функционери ќе одговараат на сите можни прашања додека се живи.

-Банално е дали има некој да го замени Заев во СДСМ, некој друг да го предводи СДСМ, да биде нов премиер од СДСМ. Тоа беше прашањето и реков „Банално е да одговараме на такви прашања заради тоа што нема дилеми дека никој не е незаменлнив.“, рече Заев.

Мицкоски, пак, рече дека Заев и министерот за здравство Венко Филипче одамна го поминале италијанското сценарио.

-Сега се ближиме до авганистанското – кадешто луѓе живи ни горат. И не само што треба да чувствувате одговорност, туку веднаш требаше да ги прифатите оставките на овие двајца, а потоа да размислите и за ваша оставка. Ќе ви кажам зошто – прво не ја говорите вистината. Вие кога бевте градоначалник на Струмица не важеше ова што вие се обидувате овде да го интепретирате. Важеше Законот за градење кадешто јасно има прва и втора категорија на објекти. Јасно има институција за градење, јасно има институција – употребна дозвола, рече Мицкоски. Меѓутоа, на 28.04.2020 година на предлог на Владата вие направивте измени на Законот за градење со којшто додадовте модуларни градби, монтажно – демотажни објекти и предвидовте во членот 73 да нема одобрение за градење, но затоа има решение за поставување, а на тоа решение за поставување како придружна документација му се додава она што треба да биде предвидено со Правилник којшто го носи надлежниот, што во случајот е министерот за здравство, рече Мицкоски, додавајќи дека со овие измени одземени се ингеренциите на Министерството за транспорт и врски.

Тој го праша Заев дали МЗ изготвило Правилник и доколку има – кој е проектант на овие објекти. Како и дали се поминати сите а-тести.

-Дали конечно ќе признаете барем еднаш во вашата политичка кариера вина за тоа што сте направиле геноцид на сопствениот народ?, праша Мицкоски.

 

20.09.2021 - 19:03

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа