Задолжително тестирање за сите што се враќаат од одмор - Германија ги заострува мерките од коронавирус

Германската влада планира да воведе задолжително тестирање за сите што се враќаат од годишен одмор. Никој не ќе може да влезе во земјата без да биде вакциниран, да нема негативен ПЦР тест или ако не го прележал вирусот. Ова заострување е последица на зголемениот број на луѓе кои се заразени од Ковид-19 во последните 19 дена.

Владината портпаролка Улрике Демер претходно изјави дека се размислува за воведување нови мерки, а сега министерот за здравство Јенс Шпан (ЦДУ) најави заострување на правилата за повратниците од годишен одмор.

Тој планира да воведе правило според кое сите што не биле целосно вакцинирани или биле изложени на коронавирусот, ќе треба да покажат потврда за негативен ПЦР тест при влез во Германија. Засега, ова се однесува само на оние кои доаѓаат во Германија со авион. Ова правило би важело за сите, без оглед дали областа каде што престојувале се смета за ризична или не, пишува Дојче веле.

Инаку, Шпан повеќепати ги обвинуваше германските граѓани кои се враќаа од годишните одмори во земјите од Југоисточна Европа за ширење на инфекцијата. Во моментов, ниту една земја во областа не се смета за ризична.

Само министерката за правда, Кристин Ламбрехт, се спротивставува на мерките, сметајќи дека воведувањето на задолжителен негативен ПЦР тест е „несоодветна мерка“, со оглед на моменталната епидемиолошка состојба во земјата каде се уште е релативно ниска инциденцата на болеста во споредба со првата четвртина од оваа година. Сепак, таа препорачува угостителите во Германија да отвораат ресторани само за гости кои биле целосно вакцинирани. Здружението на германски угостители „Дехога“ остро ја осуди оваа идеја.

Макфакс

27.07.2021 - 15:14

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега