Заев- Дуџак: Обединетите нации ја продолжуваат поддршката на Северна Македонија

 
Претседателот на Владата, Зоран Заев се сретна со Росана Дуџак, постојана координаторка на Обединетите нации во Република  Македонија.
На состанокот е најавено дека продолжува поддршката од Обединетите нации на нашата држава во сите области од полза за граѓаните и државата.
Разговарано е за иницијативата на ОН, Фонд за мир, посветен на Западен Балкан, при што е изразена согласност дека Република   Македонија е пример за стабилност и дијалог.
Се обрна внимание на реформите кон коишто е посветена држава во делот на менаџирањето со кризи и придонесот што може да го дадат ОН преку техничка поддршка и пренесување искуства во насока на што поголема ефикасност на системот за управување со кризи.
Најавена е поддршка од ОН и во областа на здравството, како и во областа на животната средина и културата. Констатирано е дека Владата, на национално ниво покажува определеност кон активностите за заштита на Охридскиот регион, а премиерот Заев истакна дека наодите во нацрт извештајот на Реактивната мисија на УНЕСКО, за состојбата со природното и културното наследство во Охридскиот регион се еден од владините приоритети.
На средбата, премиерот Заев нагласи дека продолжува – и со поголема посветеност, имплементацијата на документот: „Рамка за соработка на одржлив развој на Обединетите нации“ за периодот 2021-2025 година, што е стратешка програмска рамка за активностите на ОН во нашата држава, кон постигнување на Целите за одржлив развој и Агендата 2030 на ОН.
„Ги поддржуваме милениумските развојни цели и определени сме кон мир, заштита на човековите права, уште поголемо зајакнување на ефикасноста и одговорноста на институциите“, рече премиерот Заев, кој се заблагодари на генералниот секретар на ОН и на Организацијата на обединетите нации за поддршката на нашата земја, којашто стана членка на НАТО и очекува напредок во евроинтеграциите.
 

 

 

Добивајте вести на Viber

21.01.2021 - 17:55

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа