Заев: Од 1 јули стартува мерката „Мој ДДВ“ за враќање 15% од ДДВ на граѓаните, зашто зборот важи

Претседателот на Владата Зоран Заев, министерот за финансии Драган Тевдовски, и директорката на Управата за јавни приходи Сања Лукаревска не прес конференција информираа за Предлог-законот за враќање на 15% од данокот на додадена вредност на граѓаните кој беше усвоен на последната седница на владата и доставен на усвојување во Собранието.

Во продолжение на ова соопштение, обраќањето на премиерот Заев ви го пренесуваме во целост:

 

На вчерашната седница, Владата на Република Северна Македонија го усвои Предлог-законот за враќање на дел од данокот на додадена вредност на граѓаните, и донесе одлука тој да биде доставен на усвојување во Собранието.

Владата го изгласа законот за поврат на 15% од платениот ДДВ за граѓаните, со што почнува реализација на еден од најважните проекти од изборната програма и од Програмата за работа на Владата.

Мерката ќе започне да се реализира од 1 јули, со што едно четиричлено семејство ќе може да си врати на сметка до 28 илјади и 800 денари годишно во семејниот буџет.

Нешто повеќе од една просечна плата во нашата земја. Можност за Плата плус за секое семејство.

Оваа можност за поврат на дел од ДДВ-то ќе биде достапна за сите граѓани на Република Северна Македонија кои имаат наполнети 15 години, кои се регистрирани или ќе се регистрираат на системот на УЈП, и кои од 1 јули ќе ја преземат одговорноста редовно да си ги земаат фискалните сметки на продажните места, а потоа и да ги скенираат преку мобилен телефон.

Со оваа постапка, преку проектот „Мој данок, моја заштеда“, граѓаните на нашата земја, заедно со финансиските институции, ќе остварат две главни цели:

- Првата цел е да се вратат пари кај граѓаните, а

- Втората цел е да учествуваат во намалувањето на сивата економија и во елиминацијата на даночното затајување.

Кога од 1 јули ќе отпочне примената на мерката и кога граѓаните ќе започнат редовно да си ги бараат фискалните сметки, учествуваат во обезбедувањето на 50 милиони евра за да легнат на нивните сметки како поврат на ДДВ.

50 милиони евра е проекцијата на вкупни средства на кои граѓаните ќе можат да сметаат дека ќе им бидат вратени на нивните сметки.

Тоа е огромна мотивација граѓаните да си ги бараат фискалните сметки, кои се задолжителна обврска и за нив и за трговците, и со тоа да придонесат за подинамично полнење на Буџетот на државата.

Од 1 јули вашиот мобилен телефон ќе добие уште една функција. Со апликацијата „Мој ДДВ“, на наједноставен и најбрз начин ќе можете да ги скенирате фискалните сметки. Секаде и во секое време.

Секако, ќе обезбедиме и можности за ранливите категории кои нема да можат сами да ја спроведат постапката, тоа да го направат на наједноставен начин.

Ова е мерка за граѓаните. Мерка директно насочена кон граѓаните. За прв пат во историјата на нашата земја, државата враќа дел од данокот директно на сметките на граѓаните.

До сега поврат на ДДВ остваруваа само компаниите, а сега таа придобивка ја обезбедуваме за сите граѓани.

Заради правичност, за да не се случи повратот да оди главно кај најбогатите граѓани, поставени се лимити.

Нема да има можност за поврат на дел од ДДВ-то од сметка над 30 000 денари.

Дури 98% од домаќинствата ќе можат да направат поврат на дел од ДДВ-то на целата потрошувачка, а за оние најбогатите 2% ќе има лимит.

Почнавме да враќаме пари кај граѓаните со укинувањето на радиодифузната такса. Со враќањето на евтината тарифа на струјата, го дополнивме домашниот буџет.

Обезбедивме раст на минималната и на просечната плата. Ја зголемивме социјалната помош за 300%, а казните ги намаливме до 75%.

За поддршка на земјоделците обезбедивме рекордни 8,4 милијарди денари. Го намаливме ДДВ-то на парно греење од 18% на 5%.

Сега, време е за нова голема ставка во домашниот буџет. Време е за МОЈ ДДВ. Зборот е збор, и зборот важи. Ги враќаме парите кај граѓаните и кај компаниите и продолжуваме во таа насока.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

19.06.2019 - 13:32

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега