Заев од Кочани: Донесовме храбри одлуки и отворивме перспективи за идните генерации

 

За неполни три години донесовме храбри одлуки со кои станавме земја членка на НАТО и добивме одлука за почеток на преговорите со ЕУ, со што денес ги живееме идеалите за кои зборувавме во изминатите триесет години, истакна вечерва лидерот на СДСМ, Зоран Заев пред граѓаните на Кочани на трибината во рекреативниот центар Пониква на Осоговските Планини.

– Веќе сме членка на НАТО, а поглавјата за преговори со ЕУ очекувам да почнеме да ги отвораме во септември или октомври, а со тоа ќе ги отвориме и европските фондови. Кога требаше храброст да донесеме одлуки, ги носемвме и денес резултатите се видливи на секој план. Да бидеме горди затоа што ги исполнивме стратешките цели, аспирациите и аманетот на нашите предци, имаме земја која е призната од целиот свет. Зборуваме македонски јазик кој е признат од целиот свет, рече Заев.

Според него, Третата изборна единица во која спаѓа и Кочани, е многу важна и тука очекува коалицијата „Можеме“ да извои, како што рече, убава победа.

– Верувам дека ќе успееме во она што е зацртано пред нас бидејќи секогаш граѓаните знаеле да изберат вистинска одлука и да застанат на вистинскиот пат. Кочани е познат по мостовите за поврзување преку реката, а ние за нашата држава градевме мостови на пријателство со соседите што ќе им се најдат на следните генерации. Трговијата со Бугарија е преку 15, односно со Грција е преку 21 отсто. Кочани е познат и по средновековните кули што биле градени за безбедноста на градот, но нам веќе не ни се потребни кули затоа што сме дел од НАТО. Го бараме од граѓаните следниот мандат, со отстранети проблеми и создадени сојузници, за да покажеме економски резултати, да ја реформираме правната држава и да обезбедиме благодет за сите граѓани, нагласи Заев.

Носителот на кандидатската листа во Третата изборна единица и генерален секретар на СДСМ Љупчо Николовски рече дека Источниот регион веќе не е заборавен и оти тука се гради и се инвестира.

– Во 2016 година овде од Истокот ветивме дека ќе го вратиме и животот и ќе ги вратиме парите кај граѓаните. Тоа и го сторивме.  Истокот од најзапоставен регион, сега е регион кој најбрзо се развива. Во овој регион нема регионални патишта кои не се обновени, кои не се рехабилитирани, во овој регион се градат најголем дел од експресните патишта. Насекаде во кочанско се гради и тоа е пример како локалната и централната власт, кога работат заедно, може да се инвестира и да се создава за граѓаните. Наша следна цел е да ги вратиме младите, да ги вратиме Македонците тука во Истокот, а од тука да ги извезуваме нашите брендирани македонски производи, порача Николовски.

Потенцираше дека се целосно реализирани и петте клучни мерки од 2016 година во делот на земјоделството.

– Ветивме ревизија на земјоделското земјиште и начинот на кој се доделувало. За само две и пол години раскинавме договори за 24 илјади хектари површини и за истите сега склучуваме договори со вистинските земјоделци. Ветивме дека ќе воведеме нова мерка за зелена нафта, ја воведовме минатата година со поддршка од 30 проценти.  Оваа година 55 илјади земјоделци ќе добијат зелена нафта со покриеност од 50 проценти, а до крајот на мандатот таа ќе биде покриена 100 проценти.  Ветивме дека ќе имаме редовни, навремени и неселективни субвенции. Не е далеку периодот кога овде зборувавме за уценети земјоделци и за субвенции што се делеа по месни комитети на ВМРО-ДПМНЕ“, рече Николовски, додавајќи дека трета година по ред се исплаќаат редовно и навремено субвенциите.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

02.07.2020 - 21:42

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега