Заев: Парламентарното мнозинство ќе порасне за најмалку четири пратеници

Премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев најави зголемување на парламентарното мнозинство на владејачката коалиција за најмалку четири пратеници.

-Парламентарното мнозинство може да биде ново, но зголемено од постојното мнозинство и тоа се природни, реални работи кои што се случуваат денеска, лесно сфатливи за граѓаните, рече Заев вечерва во интервју за Канал 5 телевизија, додавајќи дека коалицијата е од политичката структура на опозицијата која е за ЕУ и НАТО, за Преспанскиот договор, Договорот со Бугарија, Охридскиот договор, Законот за употреба на јазиците.

-Тоа е иднината на државата, затоа што ВМРО-ДПМНЕ е против трите договори и нивниот лидер не употребува Северна, уставното име на државата и веднаш имате клинч со Грција, и тогаш нема ни Е од ЕУ, ни Е од единството во државата, кое го имаме, порача Заев.

Тој додаде дека се разговара со Алтернатива, кои, вели, прво се понижени и потценети од својот партнер Алијанса за Албанците, а понижувањето кулминира со коалицијата со ВМРО-ДПМНЕ, која, како што посочи, ништо не испорачаа во таа коалиција.

Заев, нагласи, дека во недела на локалните избори ќе победи прогресивноста, ќе победи најдоброто, демократијата и слободата, затоа што, како што рече,  реверзибилните процеси не враќаат назад во мракот во молкот, во минатото, а тоа никому не му е од корист.

-Народот излегува и гласа за 12 и ќе заокружиме дека владејачката коалиција има повеќе гласови од опозицијата, има повеќе советници од опозицијата и на крајот дека владејачката коалиција има повеќе градоначалници во бројка плус градот Скопје. Тоа е проектираната иднина во предвечерието на изборите, граѓаните ќе гласаат за прогрес и дома и надвор, бидејќи тоа го носи подобриот економски стандард за сите, порача премиерот и лидер на СДСМ Заев. 

 

28.10.2021 - 20:42

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега