Заев: Програмите за спорт и рекреација, како и зголемувањето на зелените површини остануваат важни алки за Владата

Претседателот на Владата Зоран Заев и градоначалникот на Општина Свети Николе Сашо Велковски денеска беа на увид на новата пешачка и велосипедска патека во Општина Свети Николе која веќе е готова и подготвена за користење.
Како што истакна премиерот Заев, станува збор за модерна и урбана зона, која е хортикултурно уредена со зеленило и претставува прекрасно место каде граѓаните ќе можат да се релаксираат.
Велосипедската и пешачка патека, води од Свети Николе до археолошкиот локалитет Била Зора во с.Кнежје и е долга околу 2.100 метри.
„За Владата на Република Северна Македонија програмите за спорт и рекреација, како и зголемувањето на зелените површини остануваат важни алки кои придонесуваат кон развој на прогресивното општество и овозможуваат стекнување и ширење на основните етички принципи особено кај младите луѓе. Спортските активности имаат витална улога кај младата популација, од една страна, по однос на здравјето и правилниот развој, а од друга,  ги учат младите на вредностите на заедничката работа, дисциплина, делењето на успесите и наградите за постигнатите резултати", рече премиерот Заев.
Како што информираше градоначалникот Велковски, долж патеката се посадени 1.000 садници, поставени се 66 канделабри и повеќе места за одмор.
„Патеката веќе се користи што е потврда дека вакво место за релаксација беше потребно во нашиот град", рече Велковски.
Патеката е со вкупна вредност од околу 17 милиони денари, од кои пет и пол милиони денари кофинансира Општината Свети Николе. Останатите средства се обезбедени преку Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделието и руралниот развој и преку Центарот за развој на Вардарскиот плански регион со финансиска поддршка од Бирото за регионален развој при Министерството за локална самоуправа.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

04.03.2021 - 12:13

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега