Захарова: Вовлекувањето на Македонија во НАТО доказ дека ширењето на Алијансата е само по себе цел

 

Стремежот на НАТО механички да се прошири во Европа не може да ја зацврсти безбедноста, а форсираното вовлекување на Македонија во тој воен блок, само потврдува дека „политиката на отворени врати“ станува самата на себе цел, изјави Марија Захарова, портпарол на Министерството за  надворешни работи на Русија.

Како што пренесе „Спутник Србија“, Захарова на брифингот за новинарите во Москва, во врска со Самитот на НАТО во Брисел и поканата за членство на Македонија изјави:

- Во практика Алијансата ја обновува атмосферата на епохата на блоковска конфротација, во која, по се изгледа, се чувствува многу покомфорно отколку во услови на еднополарен светски поредок....Со тоа е условен и стремежот на блокот механички да се шири. Тој стремеж не му ја зацврстува никому неговата безбедност, тоа е очигледно, туку само ја продлабочува линијата која ја дели и ја засилува напнатоста во Европа. Форсираното вовлекување на Македонија во НАТО само потврдува дека политиката на отворени врати се претвара во цел сама по себе, односно во инструмент за освојување на геополитички простор. Станува збор, всушност, само за едно-за постигнување воена предност, изјави Захарова.

Таа рече дека „Москва ќе ги анализира одлуките на Самитот на НАТО од гледиште на последиците за европската безбедност, но веќе сега може да се заклучи дека Алијансата не е заинтересирана за објективна процена на состојбата во врска со опаѓање на безбедноста во евроатлантската област“.

Според Захарова, членките на Алијансата сакаат да го гледаат светот низ призмата на стереотипот на Студената војна.

Захарова изјави дека воениот блок ја зголемува својата воена активност и во поранешните мирни делови на Балтикот и во северна Европа, цинично обвинувајќи ја Русија за зголемување на тензиите во евроатлантските структури, без да наведат никакви докази.

- НАТО се позиционира како одбранбен сојуз, но го интензивира купувањето на офанзивно оружје, заклучи Захарова.

Според неа, Русија не покажува никаква агресија против НАТО.

- Не е точно кога раководството на Алијансата зборува дека ќе ги заштити земјите на НАТО од агресијата на Русија. Од една причина - не постои руска агресија кон земјите-членки на НАТО. Едноставно ја нема, рече Захарова.

Таа, исто така, рече дека Москва е изненадена од широката дебата за изјавата на американскиот претседател Доналд Трамп за НАТО и неговото барање партнерите од Алијансата да ги зголемат своите воени трошоци колку што е можно поскоро од два до четири проценти од БДП, поради тоа што американскиот лидер го изразил само својот долгогодишен став.

Захарова, исто така, ги коментираше зборовите на генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтебенберг за Крим, посочувајќи дека оваа тема е затворена за Русија.

 

 

 

12.07.2018 - 18:54

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа