Започна дводневната обука на кандидатите за пожарникари
Започна дводневната обука на кандидатите кои се јавија на владиниот јавен повик за превенција на пожари. Како што информираше директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Стојанче Ангелов веќе во текот на наредната недела дел од нив ќе бидат вклучени во гаснењето на пожарите со помал ризик ширум земјава.
Ангелов соопшти дека обуката ја започнале вкупно 364 кандидати во 13 градови во државата, со што се очекува пополнување на места во 28 општини.
Од 50 пријавени кандидати во Скопје, Ангелов истакна дека денешната обука ја започнале 34 лица, додека останатите, како што рече, отпаднале во административната селекција поради неуредна или неправилна документација.
– Во првата фаза во административната селекција дел од кандидатите отпаднаа поради неуредна, нецелосна или неправилна документација. Обуката ќе ја започнат 364 лица од нив 34 во Скопје. Во Скопје имавме 50-тина пријавени, на административната селекција отпаднаа неколку останаа 41, но на повикот за обука се појавија само 34 кандидати. Она што можам да кажам како прва импресија е дека има одлични кандидати и успешно ќе ја завршат оваа обука и ќе бидат добар потенцијал за пополнување на испразнетите редови во македонските Противпожарни единици, рече Ангелов.
По завршувањето на дводневната обука, додаде, тие ќе бидат распоредени по територијалните противпожарни единици во државата, освен кандидатите во Скопје кои ќе бидат распоредени во Дирекцијата за заштита и спасување.
– По завршувањето на дводневната обука тие ќе бидат распоредени по територијалните противпожарни единици додека кандидатите од Скопје ќе бидат распоредени во Дирекцијата за заштита и спасување. Лицата кои што ќе бидат во ДЗС ќе продолжат со континуирана обука, а при појавата на некои пожари онаму каде што нема ризик ќе бидат искористени постепено да се усовршуваат во нивните вештини, рече Ангелов.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа