Барак: Сирија и Израел треба да склучат пакт за ненапаѓање

 

Специјалниот пратеник на САД за Сирија, Томас Барак денеска во Дамаск изјави дека Сирија и Израел треба да склучат пакт за ненапаѓање.

– Проблемите помеѓу Сирија и Израел можат да се решат, а тоа треба да почне со дијалог. Треба да почнеме само со пакт за ненапаѓање, да разговараме за границите и да започнеме нови односи помеѓу соседните земји, наведе Барак.

Тој денеска го подигна американското знаме над резиденцијата на амбасадорот во Дамаск, прв пат откако Амбасадата на САД беше затворена во 2012 година, една година по почетокот на граѓанската војна во Сирија.

САД ја затвори Амбасадата во Дамаск во февруари 2012 година, речиси една година откако протестите против тогашниот претседател Башар ал Асад ескалираа во граѓанска војна. Подоцна американските амбасадори во Сирија не престојуваа во Дамаск туку работеа од странство. Барак е амбасадор на САД во Турција, но на 23 мај беше именуван за амбасадор во Сирија, а ова е негова прва посета на Дамаск.

Барак денеска се сретна и со сирискиот претседател Ахмед ал Шара и со министерот за надворешни работи Асад ал Шабани.

Во претседателската палата во Дамаск денеска Сирија потпиша енергетски договор вреден седум милијарди долари со конзорциум од компании од САД, Катар и Турција, чија цел е обнова на енергетскиот сектор уништен од војната.

За време на 14-годишната граѓанска војна во Сирија, стотици илјади луѓе се убиени, милиони се раселени. Башар ал Асад беше соборен во декември 2024 година во брзата бунтовничка офанзива предводена од исламистичката група на Шара, Хајат Тахрир ал Шам (ХТС), некогашна филијала на Ал Каеда. 

29.05.2025 - 21:46

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега