Битиќи: Преговорите за зголемување на мнозинството продолжуваат

СДСМ во моментов има мнозинство со сите прогресивни сили, новата влада ќе биде поголема и постабилна од таа што беше порано, ќе има стабилно парламентарно мнозинство, без оглед дали се тоа 64, 65 или 67 пратеници, кое понатаму ќе успее да владее до крајот на мандатот и конечно во нашата земја да имаме парламентарни избори во четири години, истакна потпретседателот на СДСМ Фатмир Битиќи во емисијата 24 анализа на ТВ 24.

Тој истакна дека сосема е јасно дека мораме на нашите деца да им покажеме дека знаеме да направиме чекор понатаму и да се погрижиме за нивната иднина, а нивната иднина секако не е ретроградна, не е назад, туку напред.

Преговорите за зголемување на мнозинството продолжуваат, процесот е отворен, за целата опозиција, за сите кои веруваат дека во овој период можеме да ги искористиме можностите кои се понудени од различни аспекти, бидејќи ни претстојат низа предизвици и треба сите заедно да ги пребродиме, истакна Битиќи.

Битиќи посочи дека општеството не треба да бара, туку политичарите се тие кои даваат оставка, а раководството го поддржа моралниот чин на претседателот на партијата за оставка.

Разговараме за различни опции, во овој момент е битно зголемување на парламентарното мнозинство, вториот момент е консолидирање на партијата, сега е битно да се насочиме на предизвиците кои значат живот, порача Битиќи.

Тој посочи дека партијата функционира така што претседателот е избран на непосредни избори, што ја прави СДСМ единствена партија во регионот каде што се бира претседателот на непосредни избори.

Оставката на претседателот, пак, значи дека и раководството е во оставка и тоа значи преземање одговорност. Ако јавноста треба ваков морален чин да види и индивидуално на членовите од раководството тоа може лесно да се направи, истакна Битиќи.

Тој нагласи дека тоа што претседателот Заев го направи во овие пет години е доволен белег на обединување, единство и сплотеност и тоа не само во партијата.

Тој е првиот човек што отворено ги разби сите табуа и сега имаме Албанец претседател на Собрание и никој тоа не го оспорува. Тој го практикува концептот на едно општество за сите. Секој еден чекор наназад во овој концепт ќе има сериозни реперкусии врз општеството. Ние сме единствена партија која на листите имавме 50% носители на функциите жени, 30% млади и припадници на различни етнички заедници и тоа досега никој не успеал да го направи и никој не зборува за тоа, нагласи Битиќи.

17.11.2021 - 22:25

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега