Децата на обвинителите и судиите скришум од јавноста си ги делеа дипломите

Во Врховниот суд, од страна на Академијата за судии и јавни обвинители денеска свечено беа доделени дипломите на синовите, ќерките, сопругите на поранешни и сегашни политичари, обвинители и судии кои го положија завршниот испит а кои ќе станат дел од правосудниот систем.

Дипломи земаа и идните обвинители, синот на собранискиот спикер, Талат Џафери, Албулена Абази, сопругата на актуелниот раководител на Обвинителството за гонење на организиран криминал, Ислам Абази, сопругата на градоначалникот на Аеродром, Тимчо Муцунски која ќе стане судијка и уште над педесет слушатели на Академијата чии имиња се поврзуваа со лица од политиката и правосудството.

Речиси 18 проценти од положените кандидати, кои се идни судии и обвинители, се синови, ќерки, снаи и сопруги на актуелни политичари, сегашни и поранешни судии и обвинители. Ова го покажа објавената ранг-листа на Академијата за судии и обвинители „Павел Шатев“.

Сепак медиумите не добија покана за свеченоста, освен државната агенција чиј текст академијата си го сподели на социјалните мрежи.

Во јавноста од неодамна во фокусот беше синот на Џафери, за кого Антикорупциска утврди дека положил правосуден испит пред да се стекне со диплома со соодветен степен на образование.

Најмногубројни успешни слушатели на Академијата, кои ќе делат правда, се ќерките, синовите и сопругите на сегашни и поранешни обвинители.

Од вкупно 58 слушатели на седмата генерација на Академијата на судии и јавни обвинители, 30 положија за судии, а 28 за обвинители. Синот на Џафери конкурираше за обвинителството во Гостивар, сопругата на Абази за обвинител во Кичево.

Денеска пак Судскиот совет донесе одлука за избор на вкупно 31 судија низ повеќе основни судови низ внатрешноста на државата, без Скопје.

29.03.2023 - 20:46

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега