Денеска е Цветници: Се прославува влегувањето на Исус Христос во Ерусалим

На самиот крај од шестата недела на големиот велигденски пост, денеска се прославува и свеченото влегување на Исус Христос во Ерусалим. Овој празник се нарекува Цветници и секогаш се паѓа во недела.

Името „Цветници“ празникот го добил по цветното гранче палма што Исус Христос го носел во раката за време на овој свечен настан.

Иако спаѓа во еден од големите празници, па се подразбира дека на овој ден не се извршуваат големи работни обврски, со векови постои верувањето дека токму на Цветници би требало да се посади лен и зелка, бидејќи така родот на овие билки ќе биде подобар.

Кога станува збор за работењето, овој празник е исклучок, бидејќи токму на овој ден се појавува полна месечина, кога, според верувањата, умот и вештините на луѓето стануваат далеку помоќни од вообичаено. Поради тоа, на Цветници би требало да започнете некои проекти и да донесете одлуки.

Во петроградското списание „Живаја старина“ во 1889 година објавени се повеќе обичаи и песни од Галичник запишани од Панајот Ѓиноски меѓу кои и такви што се иведувале на Цветници. „Цветници ја наречуваме Цветоносна недела, т.е. неделата што е пред Велигден.

Утрината рано помладите невести ќе се променат во нова промена до тога необлечена, ќе си клает нов сокај и преврзок на глава или на чело и дарпна врзана и заедно со сфекрвите си, ќа си поет в цркоф на причесна. Напред требит да се причестит дете 3-5 годишно, пак по него невестата. Ако немат свое дете куќно, ќе земет од некоја роднина, а без дете не се причестуват невестата, така гледает. В црков раздавает цвеќа (над кое пејана молитва) на сите, зато се таја недеља наречуват цветна.“

И во Скопско на Цветници се одело во црква од каде секој земал китка цвеќе, ја ставал во појас и ја носел цел ден. Во селата на Скопска црна Гора тој ден се раздавал здравец, а по службата во црквата жените служеле баница, погача, ракија и слично.

Во гостиварското село Вруток на празникот Цветници се одело по цвеќе. „Напред по цвеќе одевме на Цветници во местото што се викат Бука. Таму беревме каќунки, петопрс, здравец и други цветќа. После се враќавме назад и се допиравме ке чешмата на Ласко – Равен. Туе ќе си ручавме посно јадење: риба, маслинки и друго. Нестите и дејките ќе го китеа зравецот и другото цвеќе. После ќе пеевме, оро ќе тргаа нестите и ќе си пеа, а мие машките-ергените и младоженците гледавме како играат. И мие машките игравме само ко имаше т’пан.“

Интересен обичај што се изведувал на овој ден е обичајот Кошкање на децата. Во минатото на овој обичај му се посветувало големо внимание. Ги кошкале сите деца што биле родени меѓу двете лазареви саботи, што значи деца до една година.

Ги кошкале дури и децата што имале по неколку дена. За овој обичај секоја мајка месела погача наутлија. Откако ќе ги испееле сите лазарски песни лазаркките застанувале во збиен круг, мајката им го давала бебето, тие го прифаќале и со кревање горе-долу неколку пати си го подавале една на друга, го кошкале така до три пати и за тоа време пееле:

Имаш мајка, имаш татко,
гајтане мој, гајтане мој,
од капата една пара,
гајтане мој, гајтане мој.
Ем с’с мајка, ем с’с татко
гајтане мој, гајтане мој.

Откако ќе ја испееле песната три пати, едно од девојчињата „со мајка и со татко“ (што значи да не е сираче) застанувало насреде во кругот, а една постара жена обично свекрвата ја земала погачата, ја раскршувала над главата на детето и едната половина им ја давала на лазарките, а другата половина ја земала мајката и ја раздавала на роднини и пријатели за здравје на детето.

Колку и да се врзани со настаните со Христово влегување во Ерусалим, обичаите и песните поврзани со празниците Лазарева сабота и Цветници се поврзани и со пролетта, со појавата на цвеќето, а посебно лазарските песни содржат пред сè семејни мотиви желби за напредок на поеднецот и семејството.

28.04.2024 - 11:34

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега