Денеска ја празнуваме Блажена Марија - што не треба да се прави на овој ден, верувања и обичаи
Светата Христова црква споменот на нејзиното име го празнува на 4 август според новиот, односно на 22 јули според стариот календар
Света Марија Магдалина – Блажена Марија Прва благовесница на Христовото воскресение. Според народните верувања, таа му била сестра на Свети Илија Громовникот. Бидејќи според заслугите во одбраната на христијанството е рамна на апостолите Марија Магдалена е наречена рамноапостолна. Таа е родена во Сирија во близината на градот Магдала, поради што е наречена Магдалина. Во младоста била грешница, од што на прав пат ја извел Исус, а таа оттогаш станала негова верна ученичка. Во Светото евангелие според Марко се вели дека Исус од неа истерал седум бесови и целосно ја изцелил од болеста од која страдала: „А Исус кога воскресна во првиот ден од седмицата, ѝ се јави најпрвин на Марија Магдалина, од која беше истерал седум демони“. (Марко 16:9) Присуствувала на поважните моменти од неговиот живот особено последните денови, присуствувала на распнувањето на Голгота и страдала заедно со мајка му Богородица. Видела и кога го положиле во гробот. По воскреснувањето Исус најпрвин ѝ се јавил нејзе.
По Воскресението со Пресвета Богородица и со апостолите живеела во постојана молитва и била сведок на првите успеси на христијанското учење во Еруалим. Потоа пристигнала во Рим и на царот Тибериј подавајќи му црвено јајце му ја соопштила веста за Христовата судбина и за воскреснувањето. Му се обратила со зборовите: „Христос воскресе“, и со тоа му соопштила за распнувањето и воскреснувањето на Исус. Во исто време го обвинила Понтије Пилат дека иако можел не го заштитил праведниот Исус. Тоа било причина царот да го повлече Пилат и да го испрати по казна на служба во Алипите каде што во царска немилост го завршил животот.
По овој пример останал обичај христијаните да си подаруваат црвени јајца и да си го честитаат празникот Велигден со зборовите „Христос воскресе“. Подоцна Марија Магдалина дошла во Ефес каде што му помагала на Јован Богослов во проповедањето на Христовата вера. Тука и умрела, и била погребана, а подоцна во 5 век нејзините мошти од Ефес биле пренесени во Цариград.
Овој празник е особено почитуван од жените. Иако не е обележан со црвени букви, сепак на овој ден се вели дека не треба да се работи ниту дома, ниту на поле.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа