Димитриевски за еМагазин: Очекуваме победа на граѓанското движење

Градоначалникот на општина Куманово Максим Димитриевски во интервју за еМагазин вели дека Куманово од трета најзадолжена општина, сега е финансиски најстабилна во државата.

„Кога станав градоначалник Општина Куманово беше трета најзадолжена општина во Македонија. Имаше долг од 11,5 милиони евра. Тоа ви е како со буџет за две години ништо да не правите, освен да враќате долгови. Денеска на сметка имаме 4 милиони евра, а драстичните финансиски позитивни промени не се резултат на нови давачки, туку на правилно работење и реално прибирање на тоа што треба општината да го наплати, не правејќи исклучок за никој“, потенцира Димитриевски.

Тој истакнува дека зголемени се инвестициите во Општината со отворање на нови фабрики во новата индустриска зона, а верува и дека германскиот синџир „Лидл“ ќе биде еден од стратешките инвеститори.

Во врска со гостувањето на бугарската национална телевизија БНТ1 кадешто отворено зборуваше за македонско-бугарската ситуација и инцидентите на границата, Димитриевски потенцира дека не бил сигурен дека ќе успеат да се вратат во Македонија поради случувањата на граница за кои немале доволно информации, но за среќа се вратиле без проблем.

Димитриевски информира дека потекнува од партизанско семејство, дедото и бабата од страната на неговата мајка биле партизани, а братот на неговиот дедо во времето на НОБ е ѕверски убиен од страна на фашистите.

Димитриевски, за еМагазин истакнува дека има чести средби со претставници од меѓународната заедница, на кои им ја претставува неговата идеја, а на прашањето дали би коалицирал со ВМРО-ДПМНЕ која на бројни анкети е во водство, смета дека бројките до изборите драстично ќе се променат во корист на движењето и дека очекува победа на граѓанското движење.

Во интервјуто, тој информира дека одржува контакти со луѓе од СДСМ, таму имал многу другари, не би издвоил некој особено близок, бидејќи негов особен приоритет се граѓаните како градоначалник на сите и не сака да ги дели луѓето по ниту еден основ, а најмалку по политичка припадност.

„Не бев дисидент како што ме нарекоа, туку многупати опортуно се обидував да укажам на грешки и понудам решение, но за жал немаше капацитет за таквите како мене и голем број од нас беа елиминирани и отстранети од највисоките органи и тела, и тоа од страна на самопрогласени авторитети во партијата, преку византиските игри коишто многу умешно ги играат. За жал на тој начин уништија нешто што сите заедно го создававме со децении и идеолошки дијаметрално спротивно ја насочија партијата од државотворна во лукративно клиентелистичка за мала група на луѓе во раководството“, вели Димитриевски и додава дека не размислува за било какво враќање во СДСМ, туку заедно со сите граѓани на Македонија има намера да креира нешто ново, граѓанско движење кое ќе понуди нови алтернативи за сите, врз база на стабилна државотворна идеологија, мотивирана од крушевските и асномски корени, со реално остварлива програма, тим којшто ќе сака посветено да работи, а за идните коалиции вели дека во политиката е можно се.

Димитриевски посочува дека по изборната понуда е подготвен да разговара со сите, но не и со луѓето коишто се одговорни за состојбата во којашто се наоѓа Македонија денес.

„Во политиката нема правила. Секогаш е потребно разбирање и компромис, а најважен е консензусот“, вели тој.

29.03.2023 - 14:53

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега