Претседателот на Европскиот совет во четврток во Скопје: „ЕУ е подготвена да помогне"
Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта од денеска до 16 мај ќе престојува во посета на земјите од Западниот Балкан, во чии рамки в четврток ќе допатува во Скопје, а в петок ќе учествува на самит на Европската политичка заедница во Тирана.
Како што јави дописникот на МИА од Брисел, целта на посетата на Кошта е да ја потврди посветеноста на ЕУ кон регионот и перспективата на земјите од Западниот Балкан за членство во Унијата.
- Зајакнувањето на соработката со Западен Балкан е врвен политички приоритет за ЕУ и за мене лично, порача Кошта во пресрет на неговата западнобалканска турнеја.
Тој нагласи дека заминува во посета на регионот за да разговара со лидерите на земјите од Западниот Балкан, кои „се соочуваат со постојани предизвици“ и за да покаже дека ЕУ е подготвена да им помогне.
- Постои јасен моментум за проширување, но моментумот бара посветеност, истакна Кошта.
Како што соопшти Европскиот совет, на средбите со политичките раководства на партнерите од Западниот Балкан, Кошта ќе ја нагласи „важноста на понатамошно градење на обновениот моментум во процесот на проширување и на односите меѓу ЕУ и регионот“.
Работниот дел од посетата на Кошта започнува утре во Белград, каде тој ќе се сретне со српскиот претседател Александар Вучиќ, со премиерот Ѓуро Мацут и со членови на Народното собрание на Србија.
Утре попладне, Кошта од Белград ќе отпатува за Сараево каде ќе се обрати пред припадниците на Силите на ЕУ во Босна и Херцеговина (ЕУФОР Алтеа), по што ќе се сретне со членовите на Претседателството на БиХ, Жељка Цвијановиќ, Денис Беќировиќ и Жељко Комшиќ.
В среда, Кошта ќе допатува во Подгорица на средби со црногорскиот претседателка Јаков Милатовиќ, со премиерот Милојко Спајиќ и со членови на Владата на Црна Гора, а попладнето ќе отпатува за Приштина на средба со косовската претседателка Вјоса Османи-Садриу.
Претседателот на Европскиот совет в четврток ќе престојува во Скопје, каде ќе се сретне претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и со премиерот Христијан Мицкоски.
Од Скопје, Кошта попладнето ќе замине за Тирана на средби со албанскиот претседател Бајрам Бегај и премиерот Еди Рама, а ќе разговара и со студенти на тиранскиот Колеџ на Европа.
В петок во Тирана, Кошта ќе биде кодомаќин на шестиот самит на Европската политичка заедница (ЕПЗ), чија тема е „Нова Европа во новиот свет: Единство - Соработка - Заедничко дејствување“.
Самитот ќе се фокусира на безбедноста, а лидерите учесници на собирот ќе ги споделат своите визии за иднината на Европа. Во рамки на Самитот ќе се одржат и три тематски тркалезни маси.
Целта на собирот е зближување земјите од европскиот континент и обезбедување платформа за подлабока политичка координација меѓу нив.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа