ДУИ: ВМРО и СДСМ беа и против премиер Албанец, но тоа се случи

Со актуелизирање на нашата програмска идеја за промена на концептот за избор на претседател на државата во Собранието со 2/3 од гласовите и со Бадентеровo мнозинство која го отвора патот за избор и на првиот премиер Албанец, неочекувана беше реакцијата на најголемите партии на македонскиот политички блок против неа, велат ид ДУИ, откако ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ денес се изјаснија против идејата претседателот да се избира во Собрание, наместо на избори.

„ВМРО ДПМНЕ и СДСМ беа и против првиот премиер албанец, но тоа се случи!

Демократската унија за интеграција ги повикува ВМРО ДПМНЕ и СДСМ да рефлектираат и да се оградат од архаичните политики кои чинат десетици милиони евра, многу енергија во општеството, ја блокираат економијата неколку месеци додека резултатот од тоа е речиси нула.

Ништо лошо не ѝ се случи на нашата земја од првиот премиер Албанец, од претседателот Албанец на Собранието, од првиот вицепремиер, од министрите Албанци за надворешни работи, за одбрана или за внатрешни работи, од сите оние Албанци кои досега ја водеа државата, напротив, направени се големи чекори напред, зачувана е прозападната ориентација на земјата.

Демократската унија за интеграција нема да застане во целта за промена на Уставот, за избор на претседател на државата во Собранието и за усвојување на амандманите од Договорот за добрососедство, за продолжување на нашиот европски пат.

Го направивме првиот премиер Албанец, ќе го направиме и првиот претседател Албанец“, велат од ДУИ во допис до медиумите.

 
23.02.2024 - 20:28

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега