Џафери за кандидатурата на Таравари: Не чувствувам потреба да коментирам одлуки на политички партии

Техничкиот премиер Талат Џафери не сакаше да ја коментира најавата за кандидатура на лидерот на Алијанса на Албанците Арбен Таравари на претстојните претседателски избори.

- Не чувствувам јас потреба да коментирам одлуки на политичките партии така што непотребен би бил било каков коментар од моја страна, истакна Џафери одговарајќи на новинарско прашање.

Прашан дали ДУИ ќе оди со самостоен кандидат на претстојните претседателски избори, Џафери рече дека за тоа новинарите треба да одат да прашаат во седиштето на партијата во Мала Речица.

-Ќе одите до Речица и ќе седнете да разговарате со лидерот. Јас сум премиер и ја претставувам Владата, а не Демократската унија за интеграција, посочи Џафери.

За тврдењето дека не треба да се одржуваат промотивни настани како денешниот во градинката во Матејче откако се распишани изборите рече дека се уште не сме влезени во периодот кога тоа е ограничено.

-Законот забранува 20 дена од отпочнувањето на официјалната кампања така што се уште не сме во тие 20 дена пред отпочнувањето на официјалната кампања. Претседателските избори се закажани за 24 април што значи дека некаде на 4 април почнува официјалната кампањата и фактички не сме во тие 20 дена пред тоа, појасни Џафери.

15.02.2024 - 11:07

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега