ЕУ предлага средба меѓу Вучиќ и Курти во Брисел

Министерот за надворешни работи на ЕУ, Жозеп Борел, и специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот Белград-Приштина, Мирослав Лајчак, се во телефонски контакт со српскиот претседател, Александар Вучиќ, и косовскиот премиер, Албин Курти, со цел итно да се намалат тензиите во северот на Косово, како и за евентуален состанок на Вучиќ и Курти во Брисел, пренесуваат медиумите во регионот.

„Специјалниот претставник на ЕУ, Мирослав Лајчак, се врати од Белград во Брисел и сите наши напори се насочени кон намалување на тензиите и враќање на дијалогот“, изјавиле дипломатски извори во Брисел.

Според натписите, ЕУ нотира дека е подготвена да посредува во дијалогот меѓу двајцата лидери, што би се одржал во Брисел и чија главна тема ќе биде решавање на моменталната ситуација во Косово.

Кога станува збор за имплементација на Бриселскиот договор, кругови блиски до шефот на дипломатијата на ЕУ во изјава за регионални медиуми нагласуваат дека сите договори постигнати досега во дијалогот меѓу Белград и Приштина се „на маса“ и дека „никој не ги повлече“.

Се додава дека ЕУ и САД се целосно обединети во нивната порака дека е во интерес и на Белград и на Приштина да се смири ситуацијата на терен и дека во спротивно двете страни се во загуба.

По повод ситуацијата на Косово, еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеи, денеска повика на воздржување, намалување на тензиите, враќање на дијалогот и обезбедување слобода на движење.

„Едностраните акции никогаш не биле решение. Тие само водат до непотребни тензии и мора да бидат повлечени“, изјави Вархеи од својот твитер-профил.

Макфакс

22.09.2021 - 14:35

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега