Филиповски: Поддршка за МЗТ, за младите спортисти и подобра спортска инфраструктура

 

Се залагам за системска поддршка на нашата гордост, кошаркарскиот клуб „МЗТ“. Тоа подразбира реорганизација на Управниот одбор, каде што искусни и докажани лица, спортски работници ќе дадат придонес за развој  на клубот. Финансиската поддршка ќе постои и ќе биде правилно насочена, со цел враќање на тимот во АБА 1 лигата. Сепак, значително ќе ги поддржиме и младинските категории на „МЗТ“, со цел да прерасне во „расадник“ на нови таленти кои ќе бидат од помош и за нашата репрезентација, истакна Александар Филиповски, кандидат на СДСМ и коалицијата за градоначалник на општина Аеродром, на маалската средба со граѓани, покрај Кејот на Вардар, под мостот „Близнак“ заедно со Наумче Мојсовски, директорот на Агенцијата за млади и спорт.

Филиповски се осврна и на други проекти од областа на спортот, но ги слушна и присутните граѓани, како и спортските работници кои беа дел од средбата.

Дел од нив истакнаа дека е потребна подобра инфраструктура, повеќе игралишта на кои младите ќе можат да ги покажуваат своите вештини.

„Планираме изградба на затворен базен, кои примарно ќе го користат учениците од основните училишта, но во попладневните часови и сите други заинтересирани граѓани. Исто така,спортски игралиштаво сите населби, тартан патеки за трчање, обнова на училишните спортски сали и скејт парк“, рече кандидатот за градоначалник.

Претседателот на Комисијата за спорт на СДСМ, Наумче Мојсовски истакна дека СДСМ интензивно вложува во младите спортисти. Во сите општини се направија и фитнес зони на отворено, се работи и на затворени училишни базени, со цел да се поттикнат младите на физичка активност.

Присутните заклучија дека е особено важна поддршката да биде насочена кон младите. За таа причина, во програмата која Филиповски ја креира заедно со граѓаните се предвидуваат и стипендии за најдобрите спортски таленти, но и поддршка на спортистите од Аеродром кои ќе учествуваат на национални и меѓународни натпреварувања.

Исто така, на средбата стана збор и за поддршка на фудбалскиот клуб „Аеродром“, со цел негов настап во повисоките домашни лиги.

07.09.2021 - 21:06

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега