(ФОТО) Пендаровски до Ковачки: Неписмен си

Бурна политичка преписка денеска меѓу претседателот Стево Пендаровски и пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Драган Ковачки, во врска со набавување на лекот „Трикафта“, кој го нема долго време во државата, а е неопходен за лекувањето на болните од цистична фиброза. Како последица од немањето на лекот во државата, животот вчера го загуби, 45-годишниот Благојче Илиевски.

Остро реагираше првиот човек на државата, Стево Пендаровски, преку писмено соопштение испратено до медиумите, нарекувајќи го пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки „неписмен“, кој пак претходно денеска преку прес-конференција побара оставка од шефот на државата, обвинувајќи го дека пред две години излажал дека ќе помогне на болните со цистична фиброза. 

Уште колку наши сограѓани треба да ги загубат своите животи, за Пендаровски и Ковачевски да сфатат дека тие се на позициите на кои се за да му служат на народот?, праша пратеникот Ковачки на денешната прес-конференција. 

Во текот на вчерашниот ден целата македонска јавност беше сведок на трулоста на системот воден од ДУИ и СДС. Стево Пендаровски и Димитар Ковачевски со години ги злоупотребуваат трагичните судбини на болните од цистична фиброза ветувајќи им лек, се сликаа со нив, ги користеа за себе промоција и на крај ги оставија без нужниот медицински третман, резултат е починат наш сограѓанин на кого Стево Пендаровски лично му ветуваше помош, изјави Драган Ковачки, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

-После неколку години чекање за набавка на лек и организирање на протести со молење за помош за спас, Власта остана одлепена од реалноста и со игнорантскиот однос уште еднаш докажа дека е глува на барањата на своите граѓани. Ова е фотографија од вест објавена на 15 јуни 2021 година, од Стево Пендаровски со сега веќе починатиот наш сограѓанин Благојче Илиевски, на кого тој му вети помош и лична заложба, но 2 години ништо не направи. Соопштението од страна на претседателскиот кабинет по средбата на Пендаровски со Здружението на болни од цистична фиброза, уште стои на веб страната на оваа институција, но заложбите на Пендаровски останаа само ветување и злоупотреба на случајот на 130 наши сограѓани во политички цели, вели тој.

Во врска со овие ставови изнесени од Ковачки, реагираа од Кабинетот на Пендаровски. 

„За жал, не бил неписмен само пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, туку и оние кои го пишувале соопштението на таа политичка партија. Ако можеме некако да им помогнеме на луѓето во ВМРО-ДПМНЕ, во прилог им го доставуваме барањето на Асоцијацијата за цистична фиброза за средба со претседателот во јуни 2021 година, во кое ниту тие не бараат претседателот да ги набавува неопходните лекови, затоа што знаат дека надлежните институции за тоа се Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување“, стои во реакцијата испратена до медиумите од Кабинетот на претседателот.

Во реакцијата испратена преку е-мејл до медиумите, прикачено е и соопштението од Кабинетот на претседателот во врска со оваа тема. А во е-мејлот потенцираат:

„Исто така го доставуваме и соопштението од Кабинетот на претседателот во кое никаде не се споменува ветување за набавка на лек, затоа што за оние кои ги разбираат работите, Претседателот не е надлежната институција за набавка на лекови.

Не веруваме дека јасната содржина во двата документи ќе ви помогне да разберете за што се работи, затоа што е јасна вашата цел, да го дискредитирате политичкиот противник и кога немате буквално ниту еден аргумент на своја страна“.

„Нечовечки е да ги злоупотребувате личните и семејните трагедии на луѓето за добивање на политички поени. Да повториме уште еднаш, иако претседателот не е надлежен за набавка на лекови, тој смета дека сите лица од оваа категорија на болни, мора најитно да ја добијат неопходната терапија“, се додава во реакцијата од Кабинетот на Пендаровски.

 

09.02.2023 - 16:58

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега