Гаши: Ако ДУИ сака претседател Албанец, нека го поддржи Таравари

Арбен Таравари е еден од подобрите кандидати во претседателска трка и можно е да оди во втор круг на изборите. Го кандидиравме поради  квалитетот што ги поседува како личност, добро познат доктор е и им служел на сите граѓани и поддршка ќе има од различни етникуми, изјави лидерот на Алтернатива Африм Гаши, соопштувајќи дека останатите политички субјекти во Европскиот сојуз за промени го убедиле да прифати да се кандидира заради интересот на албанската опозиција и на граѓаните.

Во однос на најавата дека и Али Ахмети ќе се кандидира за претседател на државата, Гаши во емисијата „Само интервју“ на ТВ Канал5 рече „ако на ДУИ им е толку важно Албанец да биде премиер или претседател, зошто не ги убеди своите гласачи да го поддржат Таравари зад кого стојат четири партии и многу граѓани?“.

-Сега е моментот за ДУИ да одлучи дали е за Албанец. Ако имаат свој кандидат, тогаш сѐ паѓа во вода - не им било важно да е Албанец, туку да е ДУИ. Тоа е битно граѓаните да го видат и да се демаскира ДУИ. Ако не си ДУИ, за нив не си Албанец. Време е овој начин на политикантство да оди во историја, рече Гаши, според кого и крајно време е натпреварувањето да биде врз основа на квалитети, а не на етничка основа.

Смета дека и многу Македонци ќе гласаат за Таравари затоа што, рече, „на сите ни е јасно дека ДУИ не е проблем за Албанците и за опозицијата, не е само политички проблем“.

- ДУИ метастазираше длабоко во системот, судството, бизнисот, во казината.  Ако во 2016 беше важно да се победи Груевски, сега тоа е ДУИ. Ова е моментумот за нова историја и нова перспектива за нашите граѓани, истакна Гаши.

На прашањето дали се кае што ја „спасил владата на СДСМ и ДУИ“ во 2021, одговори „за жал, кај нас работите се гледаат низ призма на партиски интерес“.

-Отворивме шанса за нашата држава да отвори преговори за ЕУ, таков беше политичкиот моментум. Ако немаше Влада тогаш, ќе немаше преговори за кои многу чекавме. Со влезот во Влада најмногу и наштетив на мојата партија. Тоа го направивме заради интересот на државата и на сите граѓани, рече лидерот на Алтернатива.

15.02.2024 - 21:37
Фото: 
Принтскрин Канал 5

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега