Георгиев до ЕУ: Наместо да го исполни договореното, Владата во Скопје води политика на конфронтации и нови провокации
Шефот на бугарската дипломатија Георг Георгиев во официјално писмо упатено до своите колеги, министрите на земјите членки на Европската Унија (ЕУ), изразува загриженост за, како што вели во него, континуираното одбивање на Северна Македонија да го спроведе Договорот со Бугарија и да ги исполни своите обврски, донесени на ниво на Унијата.
Писмото на Георгиев, до кое дојде „360 степени“, е со датум од 1 септември, а покрај до министрите за надворешни работи на земјите членки, дополнително е адресирано и до високата претставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика Каја Калас и до еврокомесарката за проширување Марта Кос.
Во дописот, шефот на бугарската дипломатија го пренесува ставот на Софија дека Владата на С Македонија наместо да се придржува и да го спроведе договорениот пакет чекори, што би го гарантирал нејзиното членство во ЕУ, води политика на конфронтација, обвинувања и постојани негодувања.
„Со растечка загриженост ви го испраќам ова писмо на тема што предизвикува сè поголема фрустрација и за мојата земја и за Европската Унија“, вели шефот на бугарската дипломатија на почетокот на писмото.
Веднаш потоа, тој потсетува дека во јули 2022 година двете земји се согласиле за конкретни чекори, спакувани во пакет договор, кој би го гарантирал членството на Северна Македонија во ЕУ, а кои, како што наведува Георгиев, било предизвикано од политиката на Скопје, да не ги спроведува на доследен начин преземените обврски.
Оттогаш, вели понатаму шефот на бугарската дипломатија во дописот, последователните влади во Софија доследно и праведно се справуваат со ова прашање потврдувајќи го европскиот консензус, преку имплементација на својот дел од обврските од договорот.
Во таа насока Георгиев додава дека Бугарија јасно изјавила дека нема понатамошни услови кон својот сосед, освен она што веќе е договорено.
„Сметам дека е важно да се напомене дека прашањето стана дел од довербата на нашите граѓани во самиот процес на ЕУ – ако сме се согласиле за нешто како Унија, ако споделуваме збир на заеднички вредности и цели, тогаш исходот од нашите договори ќе биде предвидлив и фер“, вели тој во писмото.
Сепак, како што наведува понатаму, другата страна, односно Владата на С Македонија, одбива да ги спроведе конкретните договори.
„Владата на земјата кандидат сметаше за соодветно да води политика на конфронтација, обвинувања и постојани негодувања, главно против мојата земја, но сè повеќе кон самата Унија. Наместо да гради мостови, активно се обидува да нè испровоцира на дејствија што потоа може да ги користи како примери за понатамошни поплаки предизвикувајќи каскада од самосоздадени проблеми и блокади“, вели Георгиев.
Во таа насока, тој наведува дека според Бугарија проблемот за статус-квото во преговорите на земјава со Унијата е во тоа што Северна Македонија „чека“, наместо да „работи“.
„Бугарија отсекогаш го побивала аргументот дека Република Северна Македонија чекала предолго – токму ова е проблемот, Скопје ‘чекало’, наместо да ‘работи’“, вели Георгиев.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа