Голем шумски пожар избувна во Берлин откако експлодира складиште за полициско оружје

 

По експлозија во полициски магацин со оружје и експлозиви во Груневалд во близина на Берлин, избувна голем шумски пожар. Пожарот избувнал утрово нешто пред 3:30 часот.

Според првите информации на ДПА, блиските автопат и железнички линии се затворени. Исто така, агенциите јавуваат дека противпожарните единици морале да се повлечат на растојание од еден километар поради опасност од експлозии.

„Во моментов гори во Груневалд и се случуваат експлозии“, објави берлинската противпожарна служба на Твитер.

„Ситуацијата е опасна“, изјави за новинарите Томас Кирштајн од противпожарната служба. Тој ги повика жителите да се држат настрана од шумата. Пожарникарите повикаа на засилување, вклучително и воени експерти.

Во текот на утрото германските медиуми објавија за детонации кои повремено се слушаат во предградието на Берлин. Од безбедносни причини, железничката линија меѓу централната станица Берлин и Потсдам е затворена. Речиси шест часа по експлозијата, околу девет часот наутро, локалните медиуми објавија дека експлозиите повеќе не се слушаат.

Домовите не биле директно загрозени од пожарот, иако властите предупредија дека сувите услови и екстремната топлина може да го рашират пожарот, пишува Дојче веле.

Портпаролот на полицијата изјави дека се уште не е јасно како дошло до експлозијата. Местото се користи за складирање и изведување контролирани експлозии на муниција или оружје обезбедени од берлинските полициски единици.

Груневалд е една од најголемите зелени површини во Берлин, која започнува од западниот раб на градот и се протега кон Потсдам.

04.08.2022 - 11:23

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега