„Гори под нозете на ДУИ“

Почнува да гори под нозете на ДУИ и затоа интегративците почнуваат со добро познатата тактика, национализам. Вака високи функционери на опозициската ВМРО-ДПМНЕ ја коментираат серијата напади кои од редовите на ДУИ пристигнуваа на адреса на најголемата опозициска партија.
Лидерот Ахмети вчера на социјалните мрежи објави видео со исечоци од изјави и прес конференции на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ во кои директно се обвинува владејчката партија од албанскиот етнички блок.
„Со години во постојани напори разни актери се обидуваат да ѝ нанесат штета на ДУИ, како и да ја користат за оставрување нивни цели во секојдневните партиски политики“, напиша Али Ахмети во описот на видеото.

Денеска уште еден чекор од Мала Речица каде преку соопштение се обидуваат на темата да и дадат етнички призвук па испраќаат соопштение со наслов „На ВМРО и пречат Албанците на чело на институциите во државата“

„ВМРО мора да научи и да ја прифати реалноста за рамноправното вклучување на Албанците и дека времињата на политики против Албанците, против соседите, против НАТО и ЕУ никогаш не можат да се вратат во нашата земја. Жално е да се види како фрустрацијата на ВМРО ги води на маргините на социјалната толеранција. Неосновани обвинувања, лаги и измислени заговори не и одговараат на една партија која претендира да ја води оваа земја“ – се вели во соопштението на ДУИ

Гори под нозете
ДУИ се наоѓа во многу тешка ситуација. Партијата е соочена со фактот дека е во коалиција со СДСМ чиј рејтинг е во слободен пад и има прилично затворена врата кај ВМРО-ДПМНЕ – вели висок функционер на најголемата опозициска партијa.
Идните парламентарни избори, без разлика кога ќе се случат ќе го пратат ДУИ во опозиција на ист начин како што на партијата тоа и се случи на последните локални избори кога ги загуби најголемите градови а прв пат во историјата замина во опозиција и во Скопје.
Фактот дека лично Ахмети го прекрши правилото „победник со победник“ и рејтинзите на партиите во македонскиот политички блок за ДУИ ќе значи дека ако СДСМ доживее пораз каков што предвидуваат анкетите победа на ДУИ во албанскиот етнички блок нема да значи ништо. Во таков развој на настаните, ДУИ доаѓа во ситуација кога нејзиниот опстанок на власт, веќе не зависи од нив.

ДУИ единствена нереформирана партија
Фактот дека од самото формирање ДУИ речи си постојано е на власт ја става партијата од Мала Речица како единствена на македонската политичка сцена која целиот тој пат го изоде практично без никакви реформи.
Додека ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ се реформираа, сменија неколку сетови на раководства па дури и по неколку лидери, ДУИ целиот период го поминува со ситни козметички рефроми па се бои од сино во зелено или менува некои функционери на пониските позиции.
Колку повеќе се реформираат останатите политички партии, толку поочигледна станува потребата за реформи и во Мала Речица а тоа се појасно го забележува и меѓународниот фактор каде полека но сигурно, Ахмети ја губи довербата. Најголемиот дел од геостратешките прашања кои го засегаа меѓународниот фактор се затворени со што интегративците веќе не ги добиваат главните улоги, а странските претставници се повеќе почнуваат да се вртат кон теми како борбата со корупцијата и владеењето на правото, каде ДУИ реално и нема свои коњи за трка.

Нови ветришта во албанскиот политички блок
Оние кои следат политика веројатно и беа изненадени што ДУИ глатко ја прифати Алтернатива во владините редови и релативно без многу бранување дозволи Гаши да земе неколку клучни министерства. Но, познавачите на состојбите кај албанскиот етнички блок во политиката уште тогаш најавија дека целта на Ахмети е растурање на коалицијата на Села и Гаши која беше единствената со каков – таков потенцијал на подолг рок да направи штета во Мала Речица.
Операцијата успеа и Гаши се приклучи кон мнозинството. Тешко е да се предвиди како ќе се одрази тоа на неговата политичка партија но она што од сега може да се види е дека таквиот развој на настаните беше само нок даун но не и нок аут за опозицијата во албанскиот политички блок. Во последните неколку дена се поблиски стануваат позициите на Алијанса и БЕСА партии кои имаат градоначалнички позиции во Тетово и Гостивар. Во ДУИ знаат дека на терен стојат подобро од Касами и Села заедно но тоа нема да значи многу ако овие двајца лидери заедно со Мицкоски успеат да стигнат до бројката од 61 пратеник, математика на која многу ќе влијае и тоа како СДСМ ќе помине на изборите.

А.С.

01.02.2022 - 14:53

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа