Градоначалникот на Штип : Две години молиме за вработувања во градинките
Градоначалникот на Штип, Иван Јорданов денес се сретна со техничкиот министер за труд, Ѓоко Велковски. На средбата градоначалникот се пожалил на двегодишниот игнорантски однос на Министерството за труд по основ на неодобрени вработувања.
На сметка на ова не може да се згрижат повеќе дечиња во градинките.
„Барањата за согласности не беа одобрени од страна на Министерството но не само барањата за согласности за пополнување на испразнетите места туку и можноста за добивање лиценци за воспитувачи и негуватели беше ускратена како право и практично бевме дискриминирани на штета на младите генерации на дечињата. Повеќе од 60 места кои се испразнети по основ на пензионирање побаравме во изминативе две години да бидат пополнети за да може да не биде доведен во прашање воспитно – згрижувачкиот процес. Две години молевме буквално за најмалдите да го имаат основното право за воспитно згрижувачки процес. Навистина се срамам што живеам во ваква држава во која се молиме за да функционираме согласно закон“ - изјави градоначалникот Јорданов.
Техничкиот министер за труд е оптимист и вели дека во скоро време е можно решение на проблемот.
„Ќе дадеме решение многу брзо. Веќе имаме некој модел на решение со кое ќе се откочи целата оваа работа и да можат оние луѓе кои што поднеле да се стекнат со лиценци но оставете ни простор уште некој ден да го обзнаниме решението на овој проблем“, рече техничкиот министер за труд Велковски.
Тој потврди дека комуникацијата на Министерството со Општината и со градинките одела многу споро и речиси ја немало, а за неодобрените вработувања на место на пензионираните, Велковски рече дека се резултат на несоодветно планирање.
„За жал мора да констатирам дека Министерството за труд и социјална политика во изминатиот период не ги планирале доволно добро ресурсите за замена на овие лица кои заминале по пат на пензионирање или по пат на нивно заминување. Не давале согласност односно не ги пополнувале местата и истите останале празни. Денеска градоначалникот кажа дека дечињата за жал дури се враќаат дома, не се вклучени во образовните групи“ - рече техничкиот министер Велковски.
За лиценцирање, според техничкиот министер, чекаат над 900 лица кои поднеле барања во 2020, 2021, 2022 и 2023 година. Најави дека и овој процес ќе продолжи иако стоел поради тоа што никој не се погрижил да одбере фирма која ќе го врши лиценцирањето.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа