Хеликоптери на Армијата го гасат пожарот над Пасјак

Со хеликоптери од АРСМ од утрово се гаси пожарот на најкритичната точка над Пасјак во село Нов Истевник. Воздушната поддршка во гаснењето на големиот пожар, кој е активен 48 часа на планината Средна, беше неопходна поради интензивирањето на пожарот и неможноста да се локализира и да се стави под контрола поради непристапниот терен, сувата трева и ветерот.

-Активно во гаснењето на пожарот се вклучени 90 припадници на АРСМ, припадници на Граничната полиција, просторните сили на Општина Делчево заедно со екипи на ЈКП „Брегалница“ ЈП Национални шуми, екипи на ТППЕ од Делчево и регионот, информираа од Општината.

Градоначалникот на Делчево, Горан Трајковски изрази благодарност до сите поединци, институции и фирми кои се максимално ангажирани во борбата со огнената стихија.

-Големиот пожар кој сè уште пустоши над делчевското село Нов Истевник ја става на тест и општествената одговорност и хуманоста на поединци, институции, фирми. Изразувам благодарност за несебичноста и одговорноста на голем број делчевци кои се вклучија директно во борбата со огнената стихија, но и за несебичната поддршка во материјали и средства. Хуманоста и општествената одговорност се одлика на одговорни и големи луѓе кои знаат дека и со мал придонес може да направат големи промени, порача Трајковски.

Тој изрази голема благодарност и до „Дади Компани“ за донацијата за гориво за возилата на ТППЕ, „Жито-маркети“ за обезбедувањето храна за учесниците во гаснењето на пожарот, ЕВН за поддршката со теренски возила, „Пеке“ ДООЕЛ за нивната собирна акција на средства и вода која се дистрибуираше до критичните реони зафатени од пожарот и до ОО на Црвениот крст Делчево чии волонтери како што додаде се секогаш онаму каде е потребно.

04.08.2021 - 10:05

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега